Денеска се играат натпреварите во женска конкуренција. А честа да го отворат полуфиналниот сегмент од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур’ ја имаат екипите на Бадел 1862 и Струга 2009.
Кои се очекувањата на капитените на овие две екипи во пресрет на мечот кој е закажан за 12. часот.
„Најпрво, сакам да им честитам на сите екипи кои имаат учество на завршницата. Ја знаеме нашата ситуација од минатите искуства, немавме среќа. Но оваа година сме многу поквалитетни од изминатите години и со тоа имаме одличен учинок во првенството. Се надевам дека тој резултат ќе го завршиме и во Купот. Не чувствуваме притисок за дуелите кои следат, ќе дадеме се од себе прво во полуфиналето, па се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе играме финале. Мотивирани сме и верувам дека нашата напорна работа ќе излезе на површина и ќе дојдеме до посакувана цел, а тоа е трофејот“ – вели Сања Адамовска од Бадел 1862
За Тања Стојановска, предводникот на Струга 2009 и самото учество на турнирот во Скопје е среќен момент за нив:
„Среќни сме што успеавме да се пласираме во овогодинешниот Куп. Немаме високи очекувања за овој меч, но сакаме да одиграме најдобро што можеме, да се потрудиме да го искористиме тоа што противникот е фаворит на овој натпревар. Очекувам тежок дуел, но ќе дадеме се од себе да дадеме што е можно поголем отпор“.
Кошаркарките на Баскет Кам 2011 ќе имаат тешка задача во обид да го одбранат трофејот освоен во ланското издание на Купот.
Од 14.30 часот прва пречка им е екипата на Вардар.
Капитенот на екипата од Македонска Каменица, Катерина Поп Димитровска очекува добар турнир:
„Сакам да им честитам и посакам успех на сите, а за нас како екипа знам дека сме подготвени да одиграме еден добар турнир. Мотивирани сме да го покажеме она кое го знаеме најдобро, имаме желба да го одбраниме ланскиот пехар“
Симона Деловска пак очекува трофејот да „се пресели“ од големата во малата сала на СРЦ „Кале“, во клупските простории на ЖКК Вардар:
„Се надеваме дека оваа година ќе го вратиме трофејот во својата сала. Ќе го дадеме нашиот максимум, како во нападот, така и одбраната, но уште посилно. Нека победи подобриот и се надевам на интересни натпревари, како за нас на теренот, така и за сите посетители на трибините“.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ПОЛУФИНАЛЕ ЖЕНИ
12.00: Бадел 1862 – Струга 2009
14.30: Баскет Кам 2011 - Вардар