16.02.2022

Минатата сезона Баскет Кам 2011, за прв пат во историјата на постоењето на клубот го освои трофеј во националниот Куп, конкуренцијата голема

КУП 2022-ЖЕНИ: Никогаш понеизвесно, секој со свои амбиции

Минатата сезона Баскет Кам 2011 успеа во обидот, за прв пат во историјата на постоењето на клубот од Македонска  Каменица да освои трофеј во националниот Куп.

Оваа година, извесно е, ќе имаат многу потешка работа, во обид да го одбранат освоеното.

Првата пречка во полуфиналето за бранителот на пехарот, е екипата на Вардар.

„Голема благодарност до Кошаркарската федерација на Македонија за организација на Купот. Ние сме презадоволни што повторно ќе играме на завршницата. Иако имаме тешки моменти и Купот доаѓа во лош период за нас во кој имаме ковид-позитивни и повредени играчи, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе го одбраниме ланскиот освоен Куп. Со овој систем, квалитетот во Купот порасна и завршницата сигурно ќе биде возбудлива“ – вели Јордан Цветановски, незаобиколен во стручниот тим на Баскет Кам 2011.  

Интересно, на другата страна од теренот стои Александар Ашаданов, кој лани беше носител на тренерските активности кои му донесоа на клубот од Македонска Каменица - двојна круна.

„Сакам овој викенд да биде спортски празник. Се надевам дека Купот ќе донесе интересни и неизвесни натпревари. Вардар досега играше на скоро секој турнир на завршницата во Купот. Не познавам претставник кој дошол да игра на ваков турнир, а да не сака да го освои. Куп-натпреварите се драматични, се игра по еден меч. Без разлика на хартија и на фаворитска улога. Ќе се обидеме да им ги поматиме сметките на главните фаворити“ - изјави Александар Ашаданов, сега прв тренер на Вардар.

Екипата на Бадел 1862 првиот дел од сезоната го заврши со максимален ефект, и можеби тоа ги прави девојките во „жолто-сина“ комбинација и како најсериозни кандидати за освојувањето на куп-пехарот.

„Најпрво, сакам да им честитам на сите екипи кои имаат учество на завршницата. Ја знаеме нашата ситуација од минатите искуства, немавме среќа, но оваа година сме многу поквалитетни од изминатите години и со тоа имаме одличен учинок во првенството, се надевам дека тој резултат ќе го завршиме и во Купот. Не чувствуваме притисок за дуелите кои следат, ќе дадеме се од себе прво во полуфиналето, па се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе играме финале. Мотивирани сме и верувам дека нашата напорна работа ќе излезе на површина и ќе дојдеме до посакувана цел, а тоа е трофејот“- изјави капитенот на „баделки“ Сања Адамовска.

Владимир Ѓоровиќ, преводникот на стружанки, посакува неговиот колега од спротивната страна, Перо Стамески, наместо еден, да побара три „тајм-аути“ во текот на второто полуфинале.

„Посакувам едно успешно Куп-натпреварување за сите, најважно е да сме сите здрави и неповредени по натпреварите. Што се однесува до првиот меч, Бадел 1862 е апсолутен фаворит и не само во нашиот натпревар, туку и општо на Купот каде важи за прв фаворит. Голем плус има и учеството на тимот во ВАБА лигата во која се играат доста квалитетни натпревари. Иако Бадел е апсолутен фаворит, ние нема да се откажеме предвреме и ќе ја бараме нашата шанса. За нас е веќе успех што сме веќе во Купот меѓу четирите најдобри. Што подолго останеме во игра со Бадел 1862, толку поголеми се нашите шанси да изненадиме. Се пошегував на еден прес претходно кога кажав дека ќе се обидам тренерот Перо Стамески да го натерам да земе еден тајм-аут. Сега, целта ми е тој да побара три. Нашиот тим има еден странски член, другите се домашни кошаркарки, па ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло“.