16.02.2023

Трофејот во машкиот сегмент го брани екипата на ТФТ од Скопје

КУП 2023 - Стартуваат возбудувањата, по 30. пат во историјата на македонската кошарка

Денеска и официјално стартуваат возбудувањата од 30. по ред финален турнир кој од пред три години го носи името на македонската кошаркарска легенда Благоја Георгиевски-Буштур.

А првиот натпреварувачки ден во салаа СРЦ „Кале“ во Скопје, ќе ги даде и четирите екипи – полуфиналисти во машка конкуренција

Кои се очекувањата на актерите на теренот...

12.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - КОЖУВ

Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром): „Купот е едно навистина незгодно натпреварување во кое не секогаш победуваат фаворитите. Почнуваме денеска, се надеваме дека ќе играме три натпревари. Но одиме чекор по чекор, секако,  со надежи дека ќе го освоиме првиот трофеј во сезоната“.

Илија Колев (Кожув): „Првпат по некое време Кожув се враќа во Купот. Чест е да играме со тим како МЗТ кој е АБА-лигаш. Се надевам на добро издание, па нека победи подобриот“.

14.30: ГОСТИВАР - ФЕНИКС 2010

Војче Лефковски (Гостивар): „Во првиот дел од сезоната загубивме од Феникс и направивме добра анализа на противникот. Работевме напорно за овој Куп и очекувам триумф и влез во полуфиналето“

Андреј Митревски (Феникс 2010): „За нас ова е втор настап на завршницата во Купот. Имаме незгоден ривал, тоа е Гостивар, но ние сме подготвени да го дадеме максимумот, па нека победи подобриот“

17.00: ПЕЛИСТЕР - ЕУРО НИКЕЛ 2005

Марјан Илиевски (Пелистер): „Турнир во кој сите учесници имаат надеж за висок пласман, без разлика на досегашниот скор во тековното првенство. Секој натпревар е своја приказна.

После првиот круг, сигурно голем фактор ќе биде ротацијата на поголем број на играчи, бидејќи се игра секој ден. Играме со екипа која има свое искуство, за нас важен фактор е враќањето на Хаџифејзовиќ и Стајиќ, а хендикеп со неиграњето на Михајлоски“

Горан Самарџиев (Еуро Никел 2005): „Купот е специфично натпреварување, во кое многу често има по некое изненадување. Се надевам дека тоа изненадување ќе го направиме ние на денешниот натпревар, и се надевам на фер и на коректна игра на двете екипа во игра во која нека победи подобриот“

19.30: РАБОТНИЧКИ - ТФТ

Горјан Марковски (Работнички): „За тоа какво натпреварување е Купот не би сакал да се повторувам. Екипата на ТФТ е вистински пример дека во ова натпреварување не секогаш победуваат фаворитите, тоа го покажаа изминатата сезона. Добро се познаваме со ТФТ, ги знаеме и добрите и лошите страни. Направивме добра анализа на противникот и ќе се обидеме да го спроведеме она кое го работевме. Во оваа прилика сакам да ги повикам и навивачите да дојдат во што поголем број и да ни дадат поддршка“

Едис Нури (ТФТ): „За почеток, би сакал да одвојам време за непогодата која ја зафати Турција. Апелирам до сите да помогнат колку што можат. Што се однесува до Купот, можам да кажам дека сме благи фаворити во однос на Работнички кој е во период на транзиција, но изгледа одлично. Тимот одигра феноменален натпревар со МЗТ. Ние знаеме како ќе се поставиме против секого, против Работнички, против МЗТ, против Пелистер. Е, сега, како ќе изгледаме на терен и дали тоа ќе се реализира, покрај нас ќе бидат задолжени популарниот Драги и Чичко Френки. Се останато е „дупка“.“