16.02.2023

Пред почетокот на јубилејното, 30 издание, вечните ривали имаат по десет освоени пехари низ историјата...

КУП 2023-ИСТОРИЈА: Работнички и МЗТ Скопје Аеродром се единствените со двоцифрен број на титули – 10!

Мал поглед и на историјата на натпреварувањето кое барем некогаш важеше како најмасовното, не само кај нас, нашето опкружение, туку и во европски рамки.

Од пред неколку години прифатено е „правилото“ дека на завршниот турнир треба да учествуваат најдобрите осум (евентуално четири) прволигашки екипи по првиот дел од шампионатот.

Оттука, од четврток до сабота осум екипи ќе тргна во битките за трофејот, кој од оваа година ќе го носи името на големата македонска кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски Буштур.

Што вели историјата?

Вели дека екипите на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром се и најтрофејните низ овие 29. досега одиграни завршници од националиот Куп.

Клубот од „Градски Парк“ има освоено десет трофеи во ова натпреварување.

Првите две, во 1993 и 1994 година, како Годел Работнички, третата, под истото име и во 1998 година. „Црвено-белите“, но сега како Ферпшед Работнички, остварија четиригодишна доминација во периодот од 2003 до 2006 година. Потоа следуваат уште три успеси во 2011, 2015 и 2019 година, за прв пат под она оригинално име - Работнички.

Ист број на трофеи има нивниот најголем конкурент во трката за титулите – МЗТ Скопје Аеродром

Клубот од Аеродром својата прва Куп-титула ја освои во 1996, а ја репризираше и наредната, 1997 година. „Сино-белите“ го повторија истото остварување и во 1999 и 2000 година.   

А потоа мораше да чекаат цели 12. години, поточно до 2012 година, за да го вратат преодниот пехар, тогаш на „Вечер“, во своите витрини во салата „Јане Сандански“.

„Металците“ беа најдобри и во наредните две години, 2013 и 2014, а својата доминација во оваа втора декада ја потврдија и со освојување на трофејот во 2016 одосно 2018 и 2021 година.

Па овој викенд ќе имаат шанса, секако, заедно со својот вечен ривал, да избијат на првото место вечната листа на најуспешните во ова натпреварување, во кое само уште две екипи може да се пофалат дека победиле повеќе од еднаш.

Тоа се Никол Ферт, клубот од Гостивар која прославија Куп-титула во 2001 одонсо 2002 година, како и Фени Индустри од Кавадарци кој беше најдобар во 2008 и во 2010 година.

Меѓу титуларите, со свое место во историската Куп-читанка, се и  Деликатес од Кочани (1995), Вардар Осигурување (2007), АМАК-СП – Охрид (2005) и Карпош Соколи 2000 (2017 година). А од лани тоа е и екипата на ТФТ од Скопје.

Историјата вели дека главниот град – Скопје, бил домаќин на единаесет завршни турнири. Овој кој стартува денеска, ќе биде третиот по ред кој ќе се одигра во големата сала на СРЦ „Кале“ (во 2020 година, поради пандемијата на Ковид-19, завршниот турнир не беше одржан).

Од таа гледна точка, Кавадарци, односно салата „Јасмин“, ја добиле довербата на федерацијата пет пати да бидат улога на носители на куп-активностите.

Еднаш помалку во организаторска улога и настан бил Охрид, односно СРЦ „Билјанини извори“.

Финалето на Купот на Македонија во два наврати се играше и во Гевгелија, во 2016 година и она последното, во 2019. А на листата на градови организатори-домаќини по еднаш биле и Гостивар, Кочани, Радовиш, Виница, Струмица и Битола.

Во сабота навечер го чекаме победникот на јубилејното, 30. издание од националниот Куп...

КОШАРКАРСКИ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ БУШТУР“- МАЖИ

ДОСЕГАШНИ ОСВОЈУВАЧИ И ФИНАЛИСТИ

(година на одржување, град, шампион - вицешампион)

1993 година (прв по осамостојување), Кочани, Годел Работнички – Кочани Деликатес

1994 година, Гостивар: Годел Работнички – МЗТ Хепос

1995 година, Скопје: Деликатес – МЗТ Хелос

1996 година, Скопје: МЗТ Скопје – Годел Работнички

1997 година, Радовиш: МЗТ Скопје – Тиквеш

1998 година, Кавадарци: Годел Работнички – Орка

1999 година, Кавадарци: МЗТ БОС Скопје – Никол Ферт

2000 година, Скопје: МЗТ Скопје – Годел Работнички

2001 година, Охрид: Никол Ферт – Работнички

2002 година, Охрид: Никол Ферт – Фершпед Работнички

2003 година, Скопје: Фершпед Работнички – МЗТ Аеродром 2000

2004 година, Скопје: Фершпед Работнички – Неметали Огражден

2005 година, Скопје: Фершпед Работнички – Вардар Осигурување

2006 година, Струмица: Фершпед Работнички – Вардар Осигурување

2007 година, Битола: Вардар Осигурување – Струмица 2005

2008 година, Кавадарци: Фени Индустри – Струмица 2005

2009 година, Охрид: Амак СП – Свислион Пелистер

2010 година, Виница: Фени Индустри – Торус

2011 година, Скопје: Работнички – МЗТ Аеродром

2012 година, Скопје: МЗТ Аеродром – Фени Индустри

2013 година, Скопје: МЗТ Аеродром – Куманово 2009

2014 година, Охрид: МЗТ Аеродром – Лирија

2015 година, Скопје: Работнички – Кожув

2016 година, Гевгелија: МЗТ Аеродром – Карпош Соколи

2017 година, Кавадарци: Карпош Соколи – Фени Индустри

2018 година, Кавадарци: МЗТ Аеродром – Работнички

2019 година, Гевгелија: Работнички – Блокотехна

2020 година, Купот не е одржан

2021 година, Скопје: МЗТ Скопје Аеродром - Работнички

2022 година, Скопје: ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром

2023 година, Скопје: ???