17.02.2023

Изјави по натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-ТФТ

КУП 2023-МАЖИ- ДРАГАН НИКОЛИЌ: „Имавме поголема свежина од ТФТ, немаме време, следи финалето, останувам без прогнози“

МЗТ Скопје Аеродром стигна до своето 15 учество на последниот натревар од Купот на Македонија, оној кој го дава носителот на признанието, најдобри во ова натпреварување. Беа далеку подобри од ТФТ, му ја симнаа Куп-крутата на тимот од Тафталиџе, утре вечер од 19.30 часот, аеродромци ќе се обидат да бидат најтрофејни во овој сегмент.

„Влеговме нешто посвежо на овој натпревар, сепак, голема е разликата од неколку часа кога ќе играш прв меч и кога ќе го решиш дуелот на време. ТФТ играше против Работнички, се истроши на сите полиња и така ја видовме нашата шанса, тоа е во свежината и тоа се покажа како успешно за нас.

На прво место, сакам да го пофалам амбиентот, се надевам дека ТФТ во иднина ќе гради свој имиџ, оваа година сосема коректно се прикажаа и во АБА-2, сигурно нема да испаднат од таму, мојот колега и пријател Боро Смилковски направи тим кој игра современа кошарка и им посакувам среќа. Околу нас, немаме време, следи финалето, прво играчите да заздрават, па ќе видиме со кој ќе играме и ќе го скаутираме. Не сакам да прогнозирам однапред што ќе биде“ - изјави Драган Николиќ, предводникот на „сино-белите“.

Своите импресии од пласманот во уште едно финале ги изнесе и  Бојан Крстевски:

„Честитам на моите соиграчи за одличната партија, не очекувавме толку висока победа. Но бевме одлични во одбраната и тимски во напад, ама утре ако не победиме, сето тоа ќе падне во вода. Не сме фокусирани на ривалот во финалето, туку во нашата игра, да исправиме се што беше лошо претходно“ – искоментира репрезентативното крило на МЗТ Скопеј Аеродром.