Веројатно и најинтересната четвртфинална двојка на собирот во СРЦ „Кале“ се очекува да биде ТФТ – Работнички. Натпревар со кој ќе биде затворена четврфиналната фаза, закажан е за 19.30 часот, со пренос на МРТ 3.
Боро Смилковски и неговите избраници ќе имаат тешка задача – можеби и најтешката, да го одбранат трофејот освоен во ланското издание на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
„Трета година сме по ред во Купот. Прво бевме дебитанти, потоа влеговме како поискусни, а сега влегуваме како актуелни прваци. Знаеме добро за какво натпреварување какво станува збор и дека може секоја од осумте екипи да изненади и да влезе во игра за трофеј. Благодарност за колегата Димитар Мираковски за убавите зборови, морам да признаам дека Работнички полека повторно се крева, станува кошаркарски бренд, екипа на онаа на која се сеќаваме од минатото и со која сите сме растеле. Се надевам дека времето кое доаѓа, ќе го донесе Работнички на квалитетот од претходниот.
Конкретно, за мечот кој треба да го играме, ова ќе биде реприза од нашето прво учество. Сега шансите се 50-50. дојдени сме да се натпреваруваме без притисок и императив. Психолошката подготвеност тука е многу важна, затоа што се играат три меча во три дена. Важен ни е првиот дуел, а потоа ќе нè носи адреналинот и мотивацијата, секако, ако патуваме понатаму“.
За Димитар Мираковски, првиот тренер на најтрофејниот македонски клуб, првиот меч во ова натпреварување е секогаш и најтешкиот:
„Купот е тешко натпреварување каде во три дена се играат три меча, а се започнува од првиот и тоа е најтешкиот и најважниот натпревар. За разлика од претходно кога го водев Работнички, сега ситуацијата е различна. Тогаш против нас имавме предизвикувач, а сега имаме актуелен освојувач на Купот, тим од АБА-2, тим што играше Лига на Шампиони и што расте од ден во ден. Знам колку колегата Смилковски работеше за такво нешто и затоа улогата на благ фаворит ја предавам на ТФТ поради големиот број на натпревари кои ги имаат зад себе“.
Македонскиот репрезентативен бек, Бобан Стајиќ, ги пренесе очекувањата на битолски Пелистер:
„Сите знаеме што значи Куп-натпреварувањето, секоја година сме сведоци на многу возбудувања и изненадувања. Оваа година се надевам дека ние ќе бидеме изненадувањето во Купот. Нашата екипа игра во форма која е во нагорна линија. С надеваме дека тоа ќе го прикажеме и на овој настан. Играме против искусна екипа, создадена од искусни играчи кои имаат многу Куп-натпреварувања зад себе. Но, на наша страна е енергијата и младоста, така што се надевам дека тоа ќе го искористиме и чекор по чекор ќе одиме кон посакуваната цел, а тоа е прв трофеј на Пелистер во историјата“.