Екипата на Еуро Никел 2005 го заврши своето учество на финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ откако во четвртфиналето загуби од Пелистер со резултат (70:79)
„На Пелистер му посакувам да го освојат Купот на Македонија. Нашиот пад дојде кога останавме уште полимитирани на бековските позиции и го загубивме најрасположениот играч на шутерски план. Морам да разговарам со него да знам што му кажал на судијата за да добие две такви неспортски грешки. Ги предупредив играчите дека ова се Куп-натпревари и дека мора да внимаваат на дисциплината, но мислам дека тука паднавме. Потоа се обидов со тројца високи играчи, а ние таква игра не играме и не се снајдовме добро на зонската одбрана. Пелистер најдобро се снајде при целата таа транзиција“- анализираше Горан Самарџиев по поразот од битолчани.
Дарко Соколов уште еднаш, како многу пати досега, беше на нивото на своите обврски. Но овојпат тоа не беше доволно за премин во полуфиналето:
„Сакам да ѝ ја честитам победата на екипата на Пелистер. Одигравме солиден натпревар, скоро 35 минути. Но по исклучувањето на Стојановски загубивме играч во ротацијата, па загубивме и здив. Се почувствува неговото отсуство. Ни недостасуваше еден бек и мислам дека заради тоа го загубивме мечот. Сега ни следи првенството каде ни претстои борба да влеземе меѓу најдобрите четири, па ќе видиме понатаму што ќе биде“.