Полуфиналните дуели се на програмата од 17 и од 19.30 часот, први на терен излегуваат ТФТ Мozzart и МЗТ Скопје Аеродром, а потоа на ред е пресметката на Феникс 2010 и Пелистер.
Победниците, утре ќе се борат за пехарот во 30. издание од ова натпреварување.
17.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ТФТ MOZZART
МЗТ Скопје на хартија е фаворит во дуелот со ТФТ Моцарт, но сите во Аеродром уште се сеќаваат на ланското финале на овие две екипи кога тимот од Тафталиџе приреди изненадување и првпат во својата кратка историја дојде до трофеј во домашната кошарка.
Од тој момент, екипата од Аеродром има шест победи на седум натпревари против ТФТ Мozzart, но јасно е, тој пораз тешко се заборава
Зад „црно-белите“ е период исполнет со победи. Се уште актуелниот освојувач на Купот е во серија од пет победи во сите натпреварувања (АБА 2, домашно првенство и Куп).
Интересно, последниот пораз од македонска екипа е токму од МЗТ Скопје Аеродром (пред еден месец). Оваа сезона, екипата од Тафталиџе се уште нема победа против шампионот, на трите досегашни одиграни натпревари од кои два во првенството и еден во Суперкупот.
19.30: ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010
Особено интересно се очекува да биде на вториот полуфинале натпревар, оној во кој се среќаваат екипите на Феникс 2010 и Пелистер. Ако овој меч се играше на почетокот на сезоната, „пелистерци“ ќе беа апсолутни фаворити. Но по два месеци, работите се сменија, и тоа доста, во корист на скопскиот тим. Феникс 2010 смени скоро „половина ростер“. Ги донесе Димчевски, Јанески и Џојнер и повеќе не е онаа млада екипа од претходните 18 месеци, туку искусен состав и легитимен кандидат во борбите за трофеите.
Актуелниот вицешампион во последно време се соочуваше со здравствени проблеми на дел од носителите на играта, но се надева на првото финале во Купот по пауза од 14 години.
Генерално гледано, Пелистер немаше проблеми во дуелите со Феникс 2010 и победи на четири од петте меѓусебни пресметки. Но сегашниот состав на противникот е нешто сосема друго и за тоа, тренерот Марјан Илиевски ќе мора да најде соодветна тактика. Двете екипи влегуваат во релативно добра форма во овој дуел бидејќи Пелистер победи на седум од последните осум, а Феникс на пет од последните шест натпревари.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“ 2023 – СКОПЈЕ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
МАЖИ–ДВОЈКИ-ПОЛУФИНАЛЕ
17.00: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички/ТФТ
19.30: Феникс 2010 – Пелистер
*Натпреварите се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје