Кошаркарска Македонија ќе добие нов победник во националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“. За тоа се погрижи екипата која заедно со својот вечен опонент, има и најмногу освоени трофеји во најмасовното клупско натпреварување – МЗТ Скопје Аеродром.
Во полуфиналето, прво од вечерашната програма во СРЦ „Кале“ го растурија концептот-ТФТ.
Со неверојатна шутеска изведба го детронизираа тимот кој лани успеа да ги изненади.
Но не и вечерва...
За место во големото финале, по 15 пат во својата клупска историја... МЗТ Скопје ќе се бори за 11 пехар во националниот Куп
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ТФТ MOZZART 102:61
„Предизвикувачот“ во ова полуфинале имаше почеток каков што само можеше да посака нивниот предводник од клупата Драган Николиќ.
Уште во првите минути од полуфиналето, екипата со најголем број на Куп-трофеи го наметна својот ритам на игра, исполнет со доста шутеви од далечина. Ако во воведот погодуваше капитенот Дамјан Стојановски (погоди две тројки), дополнителни проблеми на одбраната на ТФТ им донесе Дамјан Робев.
Репрезентативниот бек во два наврати „стави“ две тројки, и го однесе составот од Аеродром до големи (24:16), кои до истекот на првите десет миути „пораснаа“ на двоцифрен плус (28:18).
Од другата страна, добро почнаа да шутираа прво Бишоп, потоа и Николов, но евидентно беше дека немаат добра поентерска логистика од другиот дел од тимот, барем во четвртината за „загревање“.
„Видливо“ и во резултатот, по нецели две минути од вториот период, МЗТ Скопје Аеродром имаше уште повисоки (34:18).
За реакција од клупата на ТФТ...
Но против 64% реализација за три поени кој го имаше противникот во првото полувреме, далеку подобра организација на нападот со 15. успешни додавања, и со добро „изолиран“ Костоски, бранителот на пехарот беше далеку, многу далеку од враќање во натпреварот.
По новиот точен обид за три поени, кој дојде од Миќовиќ, МЗТ Скопје Аеродром имаше големи (46:28) по одиграно 17. минути од полуфиналето.
Десеттата тимска тројка (Дамјан Стојановски), им донесе и плус 20 (51:31), кои го „покачи“ Миќовиќ (53:31), за резултат на полувремето.
Во второто остана да „постои“ само еден тим на теренот, оној од Аеродром.
Едноставно ТФТ не најде апсолутно никаквбо решение за шутерската „клиника“ која ја презентираше актуелниот шампион на Македониај во овој натпревар кој го даваше првиот финалист на 30 изданид од завршницата на Купот.
„Бело-сините“ поведоа со (66:35), потоа имаа и (69:38), а четвртината, онаа третата ја затворија со (81:47).
Онаа последната беше „подлога“ за подготовка за она што ги чека во мечот за трофеј, кој може да ги направи и најтрофејни во ова натпреварување.
А кој ќе им излезе на терен на аеродромци во сабота, од 19.30 часот, ќе одлучат екипите на Пелистер и на Феникс 2010 кои својот меч го играат вечерва во истиот термин во кој се игра и финалниот.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“ 2023 – СКОПЈЕ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
МАЖИ–РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ-ПОЛУФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 102:61
19.30: Пелистер – Феникс 2010
18. ФЕВРУАРИ (САБОТА)
16.30: ФИНАЛЕ – ЖЕНИ: Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром
19.30: ФИНАЛЕ – МАЖИ: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер/Феникс 2010
*Сите натпревари се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје