18.02.2023

Во финалните пресметки, МЗТ Скопје - може да стане првиот клуб со титули во машка и женска конкуренција

КУП 2023: Во една вечер во Аеродром може да „дојдат“ два шампионски пехари?

Првпат во историјата, може да се случи машка и женска екипа со исто име да го освојат Купот на Македонија, па уште тоа да биде во растојание од неколку часа.

Мажите во финалето ќе играат со Феникс 2010, а дамите со Баскет Кам 2011.

 

ФИНАЛЕ (МАЖИ) - 19.30: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ФЕНИКС 2010

Кошаркарите на МЗТ Скопје се големи фаворити во дуелот со Феникс 2010 и ќе се обидат да избегнат сценарио како она од минатата година кога исто така беа видени освојувачи на пехарот, а сепак загубија од ТФТ. Доминацијата што ја покажа шампионотво полуфиналето, исто против ТФТ, одамна не е видена во домашната кошарка и ако аеродромци успејат да го повторат тоа издание, пехарот сигурно ќе се врати во Аеродром по пауза од една година.

„Фениксовци“ веќе го остварија она по кое што дојдоа на завршницата од Купот. Но кога се веќе на последното скалило, ќе се обидат да го искористат тоа и да направат нова сензација. Засилен со неколку одлични и пред се, искусни кошаркари,со Бојан Трајковски кој е во одлична форма, Феникс 2010 покажа дека може да игра против секого, па зошто да не и со најсилната екипа во Македонија.

ФИНАЛЕ (ЖЕНИ) - 16.30: БАСКЕТ КАМ 2011 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

За разлика од машката екипа, дамите не се фаворити против Баскет Кам 2011, но по вчера прикажаното против Вардар, можат да направат изненадување.

Проблемот на женскиот тим на МЗТ Скопје е што се се сведува на американските кошаркарки Ли и Симонс и јасно е дека целиот фокус ќе биде насочен кон нив.

Но, ако тие имаат свој ден, како вчера против Вардар и постигнат 60 поени, нема да биде изненадување ако дамите од Аеродром го однесат и овој пехар.

Баскет Кам 2010 знае како се освојуваат трофеи во Купот, и тоа е доста голема предност, а попладнево, екипата од Македонска Каменица, макар и ослабена со неиграњето на Цветанка Димова, ќе брка хет-трик во Купот на Македонија.