МЗТ Скопје Аеродром е сензационален учесник во финалето на Купот. Во натпревар со голем пресврт, кој се случи во второто полувреме, беа подобри од екипата на Вардар (73:57).
„Натпреварот го почнавме лошо, Вардар одигра многу подобра одбрана од нас, меѓутоа со текот на времето успеавме да се консолидираме, полека дојдовме до израмнување и мислам дека одигравме и тимски. И во одбрана и во напад. Ова е наш голем успех, се радуваме на влезот во финалето. Возрасната граница е голема меѓу првите пет и останатите членови на екипата, тие се деца од 2007, 2008, 2009 годиште. За финалето, се надевам на добра игра затоа што ова беше меч со висок интензитет. Ќе видиме што ќе биде во финалето со Баскет Кам 2011 и кој ќе ги искористи своите предности. Јас секогаш велам да одиграме, да покажеме што знаеме и после да коментираме“- изјави првиот тренер на екипата која за прв пат во историјата на клубот ќе игра во финалето на националниот Куп.
За прв пат во еден натпревар во кој се доделува трофеј во сениорска конкуренција ќе игра и Марија Митева:
„Пред се, едно големо браво за нас. Не се откажавме во ниту еден наврат во мечот иако губевме, верувавме во себе дека ќе направиме пресврт. Се надевам дека ќе се покажеме во добро светло во финалето против Баскет Кам кој знае како е да се игра финале и дека ќе ги спроведеме сите барања од нашиот тренер“.