Екипата на Баскет Кам 2011 не успеа да биде и трет пат по ред победник во Купот на Македонија. Во финалниот натпревар, девојките од Македонска Каменица загубија од МЗТ Скопје Аеродром.
„Во првото полувреме не бевме тоа што требаше да бидеме, уште на стартот на натпреварот влеговме под импресии од недостатокот на еден наш играч. Силата и висината на кошаркарките на МЗТ Скопје се почувствува. Ни фалеше тој висок играч, но тоа не е алиби. Можевме да парираме единствено со шут од надвор, но и тоа не нè послужи денес. МЗТ заслужено победи, честитки и се надевам дека понатаму во текот на првенството нема да имаме некои повреди. Ако немаме, имаме добри шанси за титула, ако не, се е можно“- изјави Златко Гоцевски, тренерот на Баскет Кам 2011 по поразот во финалето.
Искусната Сања Адамовска призна дека победила подобрата екипа:
„Честитки за МЗТ Скопје, екипа која одигра подобро и поагресивно од нас. Имавме недостаток од една кошаркарка и тоа се покажа клучно за поразот. Влеговме мотивирано, мислам дека го дадовме максимумот, но тоа не беше доволно за победа. Американските кошаркарки ја направија разликата, повеќе од половина од поените на МЗТ беа нивни. Нашиот фокус беше да ја запреме нивната игра, во некои напади успеавме, но се истакнаа и другите девојки и противникот заслужено победи“.