17.02.2023

Екипата од Македонска Каменица „влезе“ во трето последувателно финале откако славеше триумф над големиот конкурент (70:61)

КУП 2023-ЖЕНИ: Баскет Кам 2011 го победи Бадел 1862 во полуфиналето, и ќе го брани трофејот

Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 го отворија женскиот дел од финалниот турнир. ланските финалисти, сега, секако, во сосема различни состави во однос на претходните две пресметки во финалето на Купот, одиграа доста променливо. Со неколку падови во играта, секако и во резултатот. Поголемиот број на „употребливи“ играчи го (о)стави тимот од Македонска Каменица во подобра позиција.  

БАСКЕТ КАМ 2011 - БАДЕЛ 1862         70:61

Во два наврати од првото полувреме, бранителот на трофејот беше во серија, која им донесе сосема солидна предност.

Првиот пат во првата четвртина, кога избраничките на тренерот Златко Гоцевски стигна до позитива од осум поени (19:11). Потоа пред финишот на втората, кога при израмнета игра, па и резултат (23:24), за нешто повеќе од три минути Баскет Кам 2011 со серија од (10-1) направи ново „бегство“.

Двете тројки на Поп-Димитровска и Адамовска, се чини дека дојдоа во вистински момент (по претходно десет нереализирани обиди), за предност од (34:25) со која двата полуфиналисти заминаа во соблекувалните.

Второто полувреме помалку се разликуваше од првото, од причина што екипата од Македонска Каменица се стекна на највисоката предност (44:30) во средината на третата четвртина. А Тасевска и Поп-Димитровска ја надминаа бројката од барем десет поени (имаа по 11 во тој дел од играта во полуфиналето).

За уште повисоки (51:36)...

Но Бадел 1862 имаше одговор, двете тројки на Димитријевиќ, и уште една на Петровска, го вратија „предизвикувачот“ во „отворена позиција“. На истекот на третиот период, тимот кој го предводи Перо Стамески имаше заостанување од „само“ седум поени (50:57).

Сепак, тоа беше на „краток рок“, затоа што уште еднаш Баскет Кам 2011 направи серија, сега од (11-4) за да се одвои на (68:54) во средишниот дел од последната четвртина. Тоа водство беше и превисоко за младите кошаркарки на Бадел 1862.

Па и по трет пат по ред во последните три години, екипата од Македонска Каменица беше поуспешна од Бадел 1862 и утре од 16.30 часот, ќе игра во големото финале каде ги чека подобриот од натпреварот Вардар-МЗТ Скопје Аеродром кој стартува од 14.30 часот. 

КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР“ 2023 – СКОПЈЕ

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

17. ФЕВРУАРИ (ПЕТОК)

ПОЛУФИНАЛЕ – ЖЕНИ

Баскет Кам 2011 - Бадел 1862 70:61

14.30: Вардар – МЗТ Скопје Аеродром

*Натпреварите се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје