21.11.2020

По продолжение од пет минути, „морнарите“ од Данкерк победија со (107:100) и се пласираа во осминафиналето

Куп на Франција: Стојановски и Гравелин „преживеаја“ во Денаин

Војдан Стојановски резултатски успешно го „помина“ својот последен меч пред да му се придружи на нашиот национален тим во квалификациите за Евробаскетот 2022.

Со неговиот Гравелин имаа нималку лесно гостување во Денаин (екипа од ПРО Б лигата), каде го одиграа натпреварот од 1/16 финалето од Купот на Франција.

А по голема борба, и дополнителни пет минути од планираните 40, членот на француската ПРО А лигата славеше со резултат (107:100).

Она што е поважно е дека капитенот на „црвено-жолтите“ одигра скоро 23.минути. Притоа реализираше ефект од осум поени (1/1 за три, 1/3 за два и 3/3 за еден поен), плус три асистенции и два скока.

По задолжителното ПЦР тестирање по враќањето во Данкерк, веќе од понеделник, Стојановски ќе им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи на патот кон Талин, и ќе му се стави на располагање на селекторот Александар Тодоров за средбиот против репрезентациите на Италија и на Естонија.