10.01.2021

„Морнарите“ испуштија предност од 14.поени, но по екстра пет минути го победија Шалон Ремс, за место во четвртфиналето (104:100).

Куп на Франција: Стојановски и Гравелин влегоа во ТОП 8

На десеттиот ден од новата година, кошаркарите на Гравелин Данкерк го одиграа првиот официјален меч во 2021.

Осминафиналниот меч од Купот на Франција во кој противник, на домашен терен, го имаа Шалон Ремс.

По две одлични четвртини, застанаа во последната, испуштија предност од 14.поени. Но во продолжението од пет минути стигнаа до голема победа (104:100) која ги води во четвртфиналето на францускиот Куп.

Војдан Стојановски имаше скромна минутажа на овој премиерен меч во 2021 година. Капитенот на нашата сениорска репрезентација одигра само 4:12 минути во првото полувреме во кои реализираше една тројка (од два обиди). Имаше и по една освоена и една загубена топка.

Војдан играше и во последниот период од играта, но остана на истиот ефект, 1/3 за три и 0/1 за два поени, за 7:49 минути, во кој домаќините ја загубија големата предност. Противникот анулира негатива од 14 поени со која влезе во четвртата четвртина, и обезбеди продолжение (91:91). Пет минути во кои Гравелин ги реши во своја корист со (13:9) доволно за место во големата „осумка“ на француската кошарка. 

Стојановски и Гравелин во ТОП 8 од Купот на Франција, чиј завршен дел ќе се игра на 20. и на 21 март, додека големото финале е закажано за 24.март.  

Покрај Гравелин, пласман на завршниот турнир претходно обезбедија екипите на Левалоа, Стразбур, Дижон, Лимож, Ле Ман, Орлеанс, а последниот учесник ќе го даде дуелот Асвел-Бург кој е во тек.