15.02.2024

Во наредните три дена во Битола, ќе го добиеме новиот освојувач на Купот на Македонија

КУП НА МАКЕДОНИЈА - 2024: Осум желби наречени пехар

Без многу измени, со само една нова „непозната“ во однос на лани, денеска во Битола ќе стартува 32. по ред издание на националниот Куп, „Благоја Георгиевски-Буштур“.

Системот за натпреварување останува истиот, осумте најдобропласирани екипи во регуларниот дел од Првата лига, обезбедија место, односно пат до „градот на конзулите“, КК „Пелистер“ ја доби довербата да биде организатор на завршниот турнир, кој ќе се игра од 15. до 17.февруари, во салата „Боро Чурлевски“.

Токму пласманот по 11.одиграни кола, ги формираше четирите натпреварувачки двојки во четвртфиналето.

Одбраната на титулата освоена лани на турнирот во СЦ „Кале“, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе ја започне против Гостивар во натпреварот (од 12.часот), со кој и ќе биде отворен турнирот во Битола.

Нешто подоцна, единствениот дебитант во ова друштво, екипата на Чаир 2030 ќе се обиде да излезе како победник во мечот со кавадаречки Еуро Никел 2005.

Од 17.часот, на програмата е дуелот на соседите од „Кале“, екипите на Работнички и на ТФТ Моцарт, додека пак домаќинот на овој собир, екипата на Пелистер, од 19.30 часот, за место во полуфиналето ќе се бори со Феникс 2010.

12.00: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ГОСТИВАР

МАРКО МИЛОВАНОВИЌ: „Се надевам на убава атмосфера, фер-плеј и наша победа на крајот. Гостивар два пати го победивме оваа сезона, но тоа ништо не значи иако влегуваме како фаворити во ова натпреварување“.

ВОЈЧЕ ЛЕФКОСКИ: „Како и да гледаме, реално, МЗТ Скопје е веројатно и најквалитетната екипа на собирот во Битола. Актуелен шампион, бранител на трофејот, со еден збор фаворит за освојување на уште еден. Ние одиме во Битола со доста проблеми, и со мал број на тренинзи во комплетен состав. Извесно, нема да бидеме комплетни и на овој натпревар. Но знам дека оние кои ќе излезат на теренот, ќе го дадат својот максимум од можностите. За што ќе биде доволно тоа, останува да видиме во текот на тие 40.минути“

14.30: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ЧАИР 2030

ТОДОР ЗЛАТЕВ: „Имавме некои промени во играчкиот кадар, како и Чаир. Одиме чекор по чекор, верувам дека можеме да се подготвиме и да ја минеме четвртфиналната пречка“.

НЕДИМ МУСТАФИЦА: „Со задоволство се враќам во Битола, му честитам на организаторот и не се сомневам дека се ќе помине во најдобар ред. Го почитуваме Еуро Никел. Тоа е состав со исклучително квалитетни играчи, но ние веруваме во своите можности и во Битола не одиме со бело знаменце. Ќе бидеме тука да се претставиме во најдобро издание и да ја бараме својата шанса за пласман во полуфиналето“.

17.30: РАБОТНИЧКИ – ТФТ МОЦАРТ

АНДРЕЈ ШОШКИЌ: „За противник во четвртфиналето имаме познат тим со кого веќе игравме два пати во првенството. Два пати победивме, но тоа ништо не значи на вакви натпреварувања во кои секогаш се можни изненадувања, и сите се со исти амбиции“.

ЕДИС НУРИ: „Ја поздравувам идејата што Купот ќе се игра во Битола, каде имам многу добри спомени, а тренерот на Пелистер има многу лоши, затоа што пред многу години се сретнавме во Купот и мојот тим излезе како победник. Од Работнични станаа малку здодевни, но тоа е судбина, нон стоп сме заедно. Имаме подготвено тактика против нив уште од последниот АБА ‘балон’ и мислам дека имаме големи шанси да поминеме во следната фаза, а таму да се сретнеме со МЗТ Скопје“.

19.30: ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010

АЛЕКСАНДАР КОСТОСКИ: „Овде сите с(м)е многу скромни со изјавите. Јас нема да бидам таков, очекувам многу повеќе и сигурен сум дека Пелистер ќе го игра натпреварот в сабота“.

СТЕФАН СТОЈКОВИЌ: „Две години игравме на Купот, лани во финалето и очекувам напредокот да продолжи. Имаме квалитетен тим кој е способен да оствари најголем успех“.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - БИТОЛА

ЧЕТВРТФИНАЛЕ

16. ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК)

12.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар

Судии: Мијалковски-Цветаноски-Петровски

Делегат: Трајковски; Контролор: Терзиевски

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/FXArehykk3o?si=Yw5AEvTqNuQDMTIH

14.30: Еуро Никел 2005 – Чаир 2030

Судии: З.Митровски-Бошкоски-Ѓорески

Делегат: Димовски; Контролор: Теофиловски

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/NYq4V6N_nEU?si=byGB7btJllKqpHDk

17.00: Работнички – ТФТ Моцарт

Судии: И.Митровски-Панов-Михајловиќ

Делегат: Ахтаров; Контролор: Хорват

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/GeBYUG_s8Nw?si=UmI9VZzbVfCoMtW1

19.30: Пелистер – Феникс 2010

Судии: Феревски-Златевски-Антовски

Делегат: Угринов; Контролор: Цветковски

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Lvy-lwvdFSY?si=_mCm1sTQ02I74zLw