14.02.2024

„Ова е спортска недела за нашиот град, имавме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот“

КУП НА МАКЕДОНИЈА - 2024: „Пелистерци“ се подготвени за уште еден спектакл – кошаркарски

По 17 години, кошаркарскиот Куп се враќа во Битола каде ќе играат осумте најдобри екипи во земјава. По 2007 година, од денеска Битола е одново во центарот на кошаркарските збиднувања поврзани со националниот Куп „Благоја георгиевски-Буштур“.

А како што вели спортскиот директор на клубот од Битола, Филип Ивановски, како одминуваат часовите до официјалниот почеток на турнирот, така расте и онаа возбуда, организациската.

„Среќни сме и возбудени што имаме чест и задоволство што годинава можеме да го организираме ова натпреварување и што по пет години тоа излегува надвор од Скопје и ќе се одржи во Битола.

Се надеваме дека посетеноста ќе биде на високо ниво, ова е спортска недела за нашиот град бидејќи имаме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот. Очекуваме голем број гости од странство, најавено е и присуството на директорот на АБА и тоа ќе биде една одлична можност за промоција и на градот и на клубот“ - потенцира Ивановски.

„Техникото“ на КК Пелистер зборува и за оној спортски сегмент од завршницата на Куп-натпреварувањето:

„Од спортски аспект, како организатори и домаќини, нормално е да се надеваме, прво дека ќе стигнеме до финалето, а таму се е можно. Јас како спортски директор, заедно со управата и стручниот штаб работевме макотрпно и овој настан е како јаготка на шлагот и се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата која ни е укажана.

Битола можеби важи за ракометен град, но нема да биде лошо ако во иднина биде и кошаркарски. Најважно е да ги научиме младите да го сакаат спортот и да ја продолжат традицијата, а што ќе сакаат повеќе, останува на нив“- се надева Ивановски на првиот трофеј во историјата на „зелено-белите“.

Цената на влезните билети, крајно популарна – 100 денари

„Одлучивме цените да бидат популарни, дневен билет по 100 денари. Можеби мал проблем е тоа што Купот почнува в четврток што е работен ден, но нема пречки во попладневните термини, трибините да бидат исполнети и да се направи убава атмосфера.

Од организацискиот дел, сакаме настанот да го направиме спектакуларен, ќе има танцови групи кои ќе ја забавуваат публиката, подготвуваме наградни игри на полувремето и се она што може да им биде забавно и интересно на посетителите“.