Големото финале на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, донесе доста неизвесни 40.минути. Максимална борба од двата финалисти. И драматична завршница во која подобро се снајдоа кошаркарите на МЗТ Скопје, Со кошот на Ворку на 2.7 секунди пред крајот, го освоија 12.трофеј наменет на најдобрата екипа во Купот на Македонија.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР 62:60
Би се рекло помалку и очекувано, домашната екипа, онаа битолската, со себе го понесе и притисокот од играње на вака важни натпревари со голем влог – во овој случај, пехар во националниот Куп.
Онаа другата, која трофите ги освојува во серија, далеку поискусна, го искористи тој стартен грч во играта на Пелистер, доволно за да поведе со (11:5). Не блескаа ни кошаркарите на МЗТ Скопје во тој воведен дел, но некако воспоставија резултска доминација. Нешто потоа имаа и (13:7), а скромната, според бројот на постигнати поени, четвртина, заврши со нешто пониска предност за бранителот на пехарот (13:9).
Тешко постигнуваа поени финалистите и на почетокто на вториот период. „Новитет“, беше првото водство за Пелистер (17:16), кое, со тројка, го донесе Л.Стојановски, кога се играше 13.минута.
И во наредните минути од финалето констатацијата остана иста – недостасуваа повеќе реализации, на двете страни од игралиштето во полната сала „Боро Чурлевски“.
Пелистер беше екипата која почна да погодува тројки, и тоа во серија. И тоа веднаш беше „видливо“ на семафорот. Во 18 минута, по тројката на Костоски, битолчани имаа највисоки (30:25). Но искусниот бек продолжи да погодува од далечина, го донесе својот тим на повисоки (33:27).
Слично беше и на крајот на првото полувреме – Предизвикувачот – Пелистер водеше со (36:31).
Почетокот на второто полувреме донесе репрезентативна пресметка. Од едната страна напаѓааа и погодуваа Костоски и Магдевски, од другата одговараа браќата Стојановски.
А резултатот остана во полза на битолчани, кои на срединаат од третата четвртина имаа уште повисока разлика. Костоски го реализира својот 15.поен, за Пелистер да поведе и со највисоки (46:38). А нешто како добра вест за екипата од Битола беше фактот дека почна да погодува Маслинко. Репрезентативното крило постави (50:42) во 27.минута од финалето, и го натера тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, на реакција, односно тајм-аут.
Заиграа „металците“ со тројца високи играчи (Танасковиќ, Крстевски, Делалиќ), и успеаа да „фатат“ резултатски приклучок. По тројката на Робев, веќе беше (47:50). Најт погоди за нешто повисоки (52:47). Но веднаш, со својот петти поен по ред, од линијата за слобдни фрлања, врати Робев,
Резултат со кој стартуваа и десетте минути за конечна одлука.
Робев беше играчот кој му донесе нерешен резултат на тимот кој ја брани куп-титулата. За кратко време репрезентативниот бек реализираше 11.поени, а на семафорот стоеја четири петки (55:55).
Резултатската „суша“ на Пелистер, ја прекина Планиниќ, за да го врати водството, макар и минимално (57:55). За кратко, затоа што Ворку погоди многу важна тројка, за „минималец“ на спротивната страна (60:59) на нецели две минути пред крајот. Наредната мина без промена на резултатот. А во последната двете екипи влегоа апсолутно израмнети (60:60).
Не реализираа по еден напад. А МЗТ Скопје го имаше последниот. За организација имаа 11.7 секунди. Го искористи Ворку, кој на 2.8 секунди положи за водство (62:60) на екипата од Аеродром.
Искреираа „пелистерци“ добра позиција, шансата за победа ја имаше нивниот шутерски најрасположен играч Александар Костоски. Но не го погоди шутот вреден пехар во националниот Куп.
МЗТ Скопје слави сред Битола, по 12 пат во својата историја.
РЕЗУЛТАТИ НА НАТПРЕВАРИТЕ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - БИТОЛА
ЧЕТВРТФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар 91:76
Еуро Никел 2005 – Чаир 2030 87:79
Работнички – ТФТ Моцарт 75:68
Пелистер – Феникс 2010 81:70
ПОЛУФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 81:76
Пелистер - Еуро Никел 2005 78:68
ФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 62:60