16.02.2024

Пелистер и Еуро Никел 2005 одиграа егал-полуфинале, но во битката за трофејот оди екипата од Битола, која слави голем триумф (78:68)

КУП НА МАКЕДОНИЈА – 2024: По пауза од 15 години, Пелистер е повторно во финалето, и ќе се бори за пехарот!

По пауза од цели 15 години, екипата на Пелистер ќе биде учесник во големото финале на националниот Куп, од пред четири години насловен според македонската кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски-Буштур“. 

По 2009 година, кога во Охрид загубија од домаќинот АМАК-СП, утре вечер од 18.часот, но сега пред својата публика во салата „Боро Чурлевски“, против бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром, ќе проба по втор пат да дојде до својот прв пехар во историјата. 

За тоа, на „пелистерци“ им беше потребна победа во полуфиналниот меч со кавадаречки Еуро Никел 2005. 

И ја пронајдоа момците кои од клупата ги предводи Дарко Радуловиќ

ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ПЕЛИСТЕР           78:68

На почетокот од мечот, Пелистер „живееше“ на поените кои дојдоа од Планиниќ. Силното крило ги реализираше првите седум поени на натпреварот, до крајот на првата четвртина веќе имаше 11.

„Пелистерци“ отворија подобро, имаа стартно водство од (13:5). Но кавадарчани брзо се вратија, со серија од осум неодговорени поени, за првиот егал (13:13), во второто полуфинале од завршниот турнир од Купот на Македонија кој се игра деновиве во Битола.  

Но, првата четвртина му припадна на домаќинот, водеше со (18:13).  

Во серии поентираа двете екипа во овој полуфинален дуел, следната беше на гостите од Кавадарци, која ги донесе и во водство (25:23), во 13. минута.

Резултатска „клацкалка“ виде публиката во салата „Боро Чурлевски“ во наредните минути од тој втор период. Макар што на истекот на 20.минута, Пелистер односно поведе, сега со (37:34).  Таа прендост (39:36), „бело-зелените“ и ја однесоа на големиот одмор.

Неверојатно прво полувреме одигра Јуре Планиниќ. Го заврши со 24.поени, имаше повеќе од половина поени на домашната екипа.

На другата страна, поените најдобро ги распределија Врањеш, кој постигна 14.поени, следен од Смит Мексвејн кој имаше 12.

Маслинко беше вториот играч во составот на Пелистер кој беше поентерски расположен од почетокот на второто полувреме.

Но немаше многу промени во резултатот, макар што водството, во континуитет беше на страната на битолчани. Конкретно беше „одлепувањето“ на почетокот на 29.минута, кога по поените на Мијовиќ, Пелистер поведе со нешто повисоки (52:46).

Но кавадарчани се покажаа како доста „жилав“ противник. Постојано беа „тука некаде“, таков беше и случајот на истекот на третата четвртина, по која Пелистер имаше минимално водство (55:54).

Силно ја почнаа четвртината на одлука кошаркарите од Битола. За две и пол минути, парцијално сметано, направија (12-5), доволно да се одвојат на солидни (67:59).

Не застанаа домаќините, затоа што со петте поени во серија на Мијовиќ, се одвоија и на највисоки (72:59). Гостите за момент се вратија, анулираа добар дел од негативата, за достижни (66:74). Но не и нешто повеќе од тоа...

Планиниќ застана на 27.поени (плус 8. скока и 5.асистенции), Маслинко имаше 22 (7.скока и 3.блокади), а Мијовиќ 14 за победникот. Во поразената екипа, Смит Мексвејн уфрли 21, Врањеш дојде до 17. поени, додека Глигоријевиќ имаше 12.

Премалку за место во финалето, таму е Пелистер!

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - БИТОЛА

ЧЕТВРТФИНАЛЕ

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      91:76

Еуро Никел 2005 – Чаир 2030  87:79

Работнички – ТФТ Моцарт        75:68

Пелистер – Феникс 2010           81:70

ПОЛУФИНАЛЕ

МЗТ Скопје Аеродром – Работнички            81:76

Пелистер - Еуро Никел 2005    78:68

ФИНАЛЕ

17.ФЕВРУАРИ (САБОТА)

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер