15.02.2024

Работнички подобар во финишот за победа над ТФТ Моцарт (75:68)

КУП НА МАКЕДОНИЈА – 2024: Работнички подобар од ТФТ, за „вечна пресметка“ со МЗТ Скопје во полуфиналето

Во третиот четвртфинален натпревар од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, екипата на Работнички стигна до голема победа. Им носи пласман во полуфиналето, каде за противник го имаат актуелниот освојувач на трофејот – МЗТ Скопје Аеродром.  

РАБОТНИЧКИ – ТФТ МОЦАРТ  75:68

По добриот почеток на Работнички, односно првична иницијатива и водство од (11:8), кошаркарите на ТФТ продолжија во уште посилен ритам. Брзо ја анулираа негативата, макар и не така голема, и до истекот на првата четвртина стигнаа до сосема солидна предност од девет поени (26:17).

Освен што поентерски беше вклучена комплетната прва петорка на „црно-белите“, свој придонес во тој дел од играта даваа и Луис, Крстевски и Зафиров.

На почетокот на втората петорка, ТФТ Моцарт имаше уште повисоки (30:18). По краткиот блесок на „црвено-белите“ за (23:30), екипата од Тафталиџе го одби тој краток налет, за ново одвојување, сега на (35:23).

ТФТ имаше и скокачка доминација во првиот дел од четвртфиналето. Дури десет скока повеќе во однос на противникот. Што беше „видливо“ и на резултатот. Во 18 минута, растојанието беше исто, (39:28).

Но до истекот на 20.минути, „црвено-белите“ анулираа добар дел од таа разлика. Имаа прифатливи (34:40).

Беа уште поблиску избраниците на тренерот Горан Самарџиев по нешто повеќе од пет минути играње во третата четвртина. Заостануваа само еден поен, (43:44).

За кратко, затоа што по тајм-аутот на тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, Рикиќ, со својот 17.поен, му донесе водство на Работнички (45:44). Но по три одиграни четвртини, водството беше за екипата од Тафталиџе (52:51).

Долго време Рикиќ беше единствениот играч на Работнички кој ја надмина бројката од најмалку десет поени. На почетокот на последниот период имаше 21, додека на спротивната страна, исто така, само еден играч беше над „десетката“, Верц.

Вовед во неизвесен последен дел беше тој „минималец“ на страната на ТФТ Моцарт... 

А многу тешко постигнуваа поени и двете екипи во таа четвртина на одлука.

Во една таква ситуација, сепак, подобро се снајдоа „домашните“ кошаркари. Имаа предност (66:61) на неполни четири минути пред крајот.  

Периодот без поени, со тројка, го прекина Ѓуроски, кој донесе уште повисоки (69:62). И само две минути за ТФТ да се врати назад во натпреварот. Но сите надежи им ги симна Ефремовски, со нова тројка, за плус 10 (72:62).

Покрај Рикиќ, во финишот на натпреварот, Ефремовски, Ѓуроски и Трајс дојдоа до двоцифрената поентерска граница во Работнички. Што на крајот можеби и пресуди за тоа кој ќе му излезе на мегдан на МЗТ Скопје Аеродром.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - БИТОЛА

ЧЕТВРТФИНАЛЕ

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар      91:76

Еуро Никел 2005 – Чаир 2030  87:79

Работнички – ТФТ Моцарт        75:68

19.30: Пелистер – Феникс 2010

Судии: Феревски-Златевски-Антовски

Делегат: Угринов; Контролор: Цветковски

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Lvy-lwvdFSY?si=_mCm1sTQ02I74zLw