МЗТ Скопје ќе се бори за нов трофеј во Купот, во финалето закажано за сабота, 18 часот, во Битола, откако во полуфиналето славеше против вечниот ривал Работнички.
По победата своите импресии го изнесе Бојан Крстевски:
„Тежок натпревар, како и секогаш. Куп дуелите се секоташ тешки, особено со градскиот ривал. Штета што не беа присутни двете навивачки групи, атмосферата ќе беше уште подобра. Одигравме натпревар во театарска атмосфера. Доста важна победа за нас, одиме кратко да се одмориме и утре да го кренеме пехарот“ - кратко прокоментира искусниот крилен центар.
Еден од најискусните играчи во тимот на Работнички, Бобан Стајиќ, го анализира полуфиналниот пораз од МЗТ Скопје:
„Беше доста напнат натпревар, игравме егал речиси цело време, иако ривалот водеше долго. Лошо е што имавме можност да победиме, ама во последните неколку напади одигравме глупаво. Лошите одлуки во клучните напади нè чинеа пораз. Штета што застанавме во полуфиналето во Купот, но продолжуваме понатаму, имаме првенство за играње. Одиме чекор по чекор, во шампионатот е доста изедначено. Втората полуфинална двојка се екипи за респект и со голем квалитет. Не се гледаме веднаш во финале, има доста за играње, има уште доста квалитетни екипи. Ќе гледаме да ја темпираме формата и одиме на трофеј во првенството“ – анализираше Стајиќ.