Еуро Никел ја исполни својата цел и се пласираше во полуфиналето на Купот „Благоја Георгиевски Буштур“. Во Битола кавадарчани го совладаа тимот на Чаир 2030 во четвртфиналниот дуел, иако не влегоа најдобро во мечот и имаа двоцифрен заостаток.
Тренерот Атанас Манев имаше свој коментар по овие 40.минути:
„Сакам да ја честитам победата на моите момци, ова беше цврст натпревар. Можеби не отворивме како што посакувавме, бевме малку летаргични на почетокот, ама успеавме да се консолидиравме. На полувреме поразговарав со играчите за проблемите. Се изборивме најдобро што можеме. Денес имавме нов играч во ротацијата, Фриц, кој има само два тренинга со екипата и сакам да го пофалам. Имавме непредвидени промени, ама момците дадоа максимум и сега чекаме на полуфинале“ - рече Манев.
По мечот своето мислење го изнесе тренерот на Чаир 2030, Ерхан Рамадан.
„Отворивме добро, но пак ни се случи истото како и претходно. Погодија многу тројки во првото полувреме. Немавме енергија да ги затвориме на таа позиција. Имавме проблем и со офанзивните скокови. Мислам дека дадовме свој максимум за да победиме, ама тоа е спортот - некогаш губиш, некогаш победуваш. Му честитам на Еуро Никел и му посакувам успеси во Купот.
Ние сме во ситуација каде што чекаме засилување од странство, бевме малку пократки во ротацијата. Сметам дека и со скратен ростер имавме добар тим за да дојдеме до позитивен резултат. Ние ќе продолжиме со истата игра, ќе дадеме се од себе за да ги добиеме понатамошните натпревари во првенството“ - изјави тренерот на екипата од Чаир.