15.02.2024

Изјави по натпреварот: Пелистер – Феникс 2010

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – Дарко Радуловиќ: „Феникс е незгоден ривал, но најдовме начин да го победиме со правилна распределба на минутите“

Дарко Радуловиќ беше во добро расположение по триумфот на Пелистер над Феникс 2010 (81:70) во четвртфиналето од Купот на Македонија и изрази голема почит за противникот:

„Феникс е многу незгоден ривал, но денес мислам дека функциониравме беспрекорно. Го затворивме нивниот офанзивен скок, кој често ни прави проблем и заслужено дојдовме до триумф. Правилно ја распределивме минутажата, дел од играчите ќе бидат поодморени и тоа е секако добар знак. Текот на натпреварот наложуваше да ја преземеме предноста, и тоа и се случи. Потоа беше полесно и успеавме рутински да го приведеме натпреварот кон крајот.

 

Утре играме со Еуро Никел, екипа која е во неверојатен шутерски ритам. Ќе биде тешко, но мора да дадеме 200% од нашите можности. Имаме и „свежа крв“ во името на Амир Најт, кој полека се вклопува во нашиот систем и мислам дека ќе биде солидно засилување со АБА лигашко искуство“ - изјави Радуловиќ.

 

Дервишевиќ: Потфрливме во сите сегменти, вината ја преземам лично јас

Тренерот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ, беше очекувано разочаран од исходот во четвртфиналниот дуел од Купот на Македонија, каде неговиот тим загуби од фаворизираниот Пелистер со (70:81).

„Честитки до Пелистер, сосема заслужено победија. Ние потфрливме во сите сегменти, особено во шутот, скокот и одбраната. Овој пораз ќе си го препишам себеси, нема да ја префрлам вината на играчите. Се надевам дека во понатамошниот дел од првенството ќе бидеме многу подобри и ќе се обидеме да го поправиме впечатокот“ - изјави Дервишевиќ.