16.02.2024

Изјави по полуфиналниот натпревар: Пелистер-Еуро Никел 2005

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – Дарко Радуловиќ: „Победи нашата енергија“

Кошаркарите на Пелистер ќе се борат за трофејот во Купот на Македонија, откако го совладаа Еуро Никел со 78-68.  

По натпреварот своја анализа даде тренерот Дарко Радуловиќ. Тој нагласи дека дуелот со Еуро Никел бил типичен како и останатите, а го посочи и главниот адут во нивната победа.

„Како и за сите натпревари досега со Еуро Никел, така и сега. Беше тесно, тврдо. Секогаш успеаваат да наметнат свое, споро темпо на игра. Одлично ја држат топката и нè тераат многу да работиме во одбрана. Денес победи енергијата кај нас, имавме 17-18 скока повеќе од нив и тоа беше клучно“ - изјави Радуловиќ.

Еуро Никел 2005 немаше сили да го изненади домаќинот на завршниот турнир во Купот на Македонија, екипата на Пелистер.

По натпреварот, свое видување имаше тренерот на кавадаречката екипа, Атанас Манев:

„Честитки за победата на Пелистер, им посакувам среќа во финалето. Нервозно го отворивме натпреварот, имавме многу проблеми со офанзивните скокови. На вчерашниот натпревар можеби успеавме да ја изнесеме средбата во наша полза, ама денес не успеавме во тоа. Исто така ни затаи и шутот од дистанца, што е наша силна страна. На нас останува добро да се одмориме, честитки за борбеноста на мојот тим. Продолжението од сезоната е пред нас“ - смета Манев.