15.02.2024

Изјави по натпреварот: Работнички – ТФТ Моцарт

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – Горан Самарџиев: „Среќен сум за триумфот затоа што ТФТ одигра одлично во одбраната“

Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, беше задоволен од победата на Работнички над ТФТ Mozzart во четвртфиналниот натпревар од Купот на Македонија.

„Прво сакам да им честитам на моите кошаркари за победата. Имавме многу тежок натпревар, не беше лесно да се победи ТФТ. И тие одиграа одлично во одбраната, првпат успеаја да нѐ сопрат под 80 поени. Првиот дел започна бавно за нас, но такви се некогаш Куп-натпреварите, знаат да бидат многу непредвидливи. Тоа го знаат играчите, но го знаеме и ние, тренерите. Многу пати сум играл финале и сум освојувал трофеи. Знаев дека мора да ги мотивирам на полувремето и драго ми е што ја игравме нашата игра.

Одигравме просечен меч, но сепак успеавме да славиме. Немаше да биде незаслужено ако и ТФТ денес победеше. Сите го посакуваа полуфиналното дерби со МЗТ. Малку се истрошивме денес, но мислам дека ќе бидеме ‘фит’ за предизвикот со најголемиот ривал. Ќе биде прекрасно да се видат двете навивачки групи после подолго време, се надевам дека дуелот ќе биде многу посетен“ – се надева Самарџиев на полна сала утре вечер 17.00 часот, во полуфиналниот дуел со МЗТ Скопје.

Екипата на ТФТ го загуби четвртфиналниот натпревар од Работнички (75:68), а тренерот Боро Смилковски рече дека неговиот тим тргнал одлично во мечот, но несвојствено за него, имаше и големи критики за судењето:

„Прикажавме неверојатна кошарка во првото полувреме, но за жал паднавме во вториот дел. Вината за поразот ја барам во нервозата во клучните моменти. Кога требаше да бидеме заедно како тим, повеќе се трудевме да бидеме херои на теренот, што искрено не ми се допадна. Мислам дека тука лежи клучот за негативниот резултат.

Честитки до Работнички, но морам да упатам забелешки до судиите. Не знам дали некои одлуки беа тенденциозни, но според мене, беа катастрофални. Прв пат во животот го коментирам судењето, но разочаран сум од третиот судија. Премногу се вложуваме во овој спорт и повторно ќе потенцирам, вината за поразот ја барам кај нас, но еден од судиите не беше достоен за четвртфинале од Куп натпревар во елитната македонска кошарка“- разочарано констатира тренерот на ТФТ Моцарт.