16.02.2024

Изјави по полуфиналниот натпревар: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – Васко Атанасов: „Сега фокусот е само на финалето“

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе се борат за нов Куп-трофеј, откако во првото полуфинале беа подобри од градскиот ривал Работнички (81:76).

По натпреварот својот став го сподели предводникот на „металците“, Васко Атанасов:

„Оваа победа е посветена на ‘Фемили Аеродром’, кои требаше да присуствуваат на натпреварот, ама не добија дозвола за патување. Штета беше да се игра дерби без публика, без навивачките групи. Последните четири дерби пресметки минаа во знакот на навивањето, пред полни сали. И тоа и е потребно на македонската кошарка. За нас ова беше добар натпревар, 35 минути водевме, а кога во едно дерби водите толку време значи сме направиле нешто добро. Сега овој дуел мора да го заборавиме и да се фокусираме на утрешното финале“- потенцираше Атанасов.

По поразот од лутиот ривал, зборуваше и предводникот на Работнички, Горан Самарџиев, кој кажа:

„Честитки за победата на МЗТ, тие беа подобар противник во текот на целиот натпревар. Ни се укажа шанса за да направиме пресврт, но одиграа добра одбрана на нашиот плејмејкер. Куп натпреварите се такви, се виде дека играчите од типот на Војдан и Дамјан Стојановски имаат огромно искуство и решаваа во клучни моменти.

Немам што да им замерам на моите кошаркари, се бореа максимално. Нема изговор, се виде уморот, ама Купот е специфичен. Во иднина треба сериозно да се размисли завршницата да се игра во само три дена“.