МЗТ Скопје Аеродром ја одбрани куп-круната. Во драматична завршница, и натпревар кој беше решен во последните секунди, „металците“ стигнаа до злато вредна победа (62:60), доволно за 12. трофеј во ова натпреварување.
На огромно задоволство кај шефот на стручниот штаб, Васко Атанасов:
„Шампионскиот менталитет на МЗТ Скопје дојде до израз. Колку и да играме лошо, на површина излезе тој наш аеродромски инает. Оваа победа ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да не бодрат.
Ние денеска игравме во грч, но игравме без Војдан Стојановски што им даде можност на некои други кошаркари да бидат херои. Што се однесува до Робев, тој по вторпат е фактор за победата овде во Битола бидејќи блесна и лани во финалето од Купот и мене ми е многу мило за тоа“ - изјави тренерот на МЗТ Скопје.
Дарко Радуловиќ, тренерот на Пелистер имаше свој коментр го загубеното финале против МЗТ Скопје Аеродром:
„Му честитам на МЗТ Скопје, мислам дека речиси цел натпревар имавме контрола над играта и бевме подобра екипа. Во вториот дел имавме мал пад, но како што кажува резултатот се играше на мал број поени.
На крајот, се се сведе на само една топка, во напад во кој се договоривме да правиме лична грешка. И не знам како не успеавме да направиме бидејќи имавме уште еден 'мал' фаул. Претпоставувам дека тоа ќе донесеше продолжение и можеби поинаков исход на мечот. Немам замерки на играчите кои беа подготвени да се борат и да се натпреваруваат. Ете, мал дефокус донесе пораз“ - изјави Радуловиќ.