02.03.2024

Во вториот полуфинален, и до крај неизвесен меч, беа подобри од Вардар, славеа аеродромки со (69:64).

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – ЖЕНИ: МЗТ Скопје Аеродром ќе го брани пехарот!

Кошаркарките на МЗТ Скопје Аеродорм ќе го бранат трофејот во националниот Куп освоен лани, на истото место во СРЦ „Кале“ во Скопје.

По голема борба, во текот на сите 40.минути, девојките кои сега ги предводи Горан Крстевски, беа подобри од Вардар. И утре попладне, од 16.15 часот, во големото финале ќе играат против противникот во она ланското, екипата на Баскет кам 2011, кој претходно беше подобар од Крива Паланка.

ВАРДАР - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ    64:69

„Вардарки“ имаа одличен почеток, уште подобар вовед во второто Куп-полуфинале. По десет минути имаа сосема солидно водство од (20:12).

Но, се прашуваше и МЗТ Скопје...

Екипата од Аеродром имаше далеку подобро „отворање“ на вториот период, За нецели две минути, „сино-бела“ комбинација направија серија од (10-0), го преземаа водството (22:20), и го натераа тренерот на Вардар, Александар Ашаданов на реакција, односно да побара тајм-аут.

Повеќе од пет минути кошаркарките на Вардар беа без кош од игра, противникот имаше уште повисоки (24:20). „Празниот од“ на „црвено-црните“ го прекина Матие. Но евидентно беше дека „моментумот на натпреварот“ беше на страната на МЗТ Скопје. Во седум минути изградија уште повисоко водство (32:22), или парцијално гледано, неверојатни (20-2).

За нов тајм-аут на Ашаданов...

Но некако тешко одеше „враќањето“ на неговата екипа во таа фаза на играта во полуфиналето број 2.

Барем така изгледаше ситуацијата на теренот, до последните две минути во кои „споија“ седум поени во серија, за она што го (по)бараа, доближување до противникот, и тоа на само „еден посед“ (29:32) пред големиот одмор.

Во ист ритам, условно кажано, домашната екипа продолжи и по паузата од 15.минути. Дури и го врати водството на своја страна. По шест нови поени, поведе со (35:32) за полуфиналето да добие епитет на изедначено, но и неизвесно.

И со доста промени на водството во таа фаза од натпреварот.

Во наредните три минути, уште едно „враќање“, сега на кошаркарките на МЗТ Скопје, кои имаа плус 7, (46:39), резултат од 27.минута.   

Но и тоа не траеше долго, затоа што Вардар возврати со шест поени по ред за ново стигнување на негативата (45:46).

Сепак, во четвртината на одлука, тимот од Аеродром „влезе“ со нешто повисоки (52:48). Благодарение на капитенот Митева, која во тие три четвртини собра 19.поени, Гејтон, која имаше 14, а Томас уште 11.   

Кај Вардар, Димитријевиќ и Матие ја диктираа играта во нападот, и имаа по 14 реализации.

Пет минути поминаа од финалниот период, период во кој Вардар дојде до егал резултат (58:58), за дополнителна драматика во второто полуфинале.

И уште еднаш, сега со голема помош на Петровска (нејзини шест поени), МЗТ Скопје „побегна“ на (64:58). „Назад“ во игра за победа, Вардар го врати Матие, намали на (62:64). По двете реализации на двете страни, на 11.1 секунди пред крајот, резултатската предност беше на „сино-белата“ страна (66:64). Уште поголема беше што бранителките на пехарот имаа и напад.

Митева се избори за две слободни фрлања. Го погоди првото, не и второто. Но затоа пак ја освои одбиената топка, и од истото место, постави недостижни (69:64). 

КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

ПОЛУФИНАЛЕ

Баскет кам 2011 – Крива Паланка      90:70

Вардар - МЗТ Скопје Аеродром          64:69

3.МАРТ (НЕДЕЛА)

ФИНАЛЕ

16.15: Баскет кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром (пренос на МРТ3)