МЗТ Скопје Аеродром по втор, или Баскет Кам 2011 по трет пат?
Кој ќе биде освојувачот на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, ќе одлучат 40. минути во големото финале, кое се игра денеска, со почеток од 16.15 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје (директен пренос на МРТ 3).
Ако се суди според прикажаното во полуфиналето, се чини дека „предизвикувачот“, во овој случај, Баскет кам 2011 е во некоја мала предност. Најмногу според бројот на квалитетните играчи во ротацијата, момент кој што му дозволува на стручниот штаб предводен од Жаклина Стојановска, да им даде и одмор на носителите на играта.
Тоа не е случај на другата страна од террнот, каде реално, тренерот Горан Крстевски може да смета на само шест играчи во неговите ротациски планови.
Освен тоа, добар дел од нив извесно, ќе (по)чуствува и замор по оној нималку лесен за играње, дуел против екипата на Вардар преку која дојдоа до шансата да го бранат трофејот освоен лани, против истиот противник.
Но во финалето, како што обично се вели, заморот не постои...
„Денеска нè чека фаворитот на овој турнир. Од она што го видов играа многу брза кошарка, тие шест-седум девојки кои играат повеќе години заедно и во клубовите и во репрезентацијата, многу добро се познаваат меѓу себе. Ги предводи одличен тренер, Жаклина Стојановска. Ќе се обидеме да парираме и да го одбраниме пехарот. Дојдовме до финалето, предавање нема. Имаме малку време да се подготвиме, и ќе се обидеме да направиме изненадување“ - вели тренерот на бранителот на трофејот.
Жаклина Стојановска смета дека нејзината екипа е подготвена за овие финални 40. минути кои го даваат првиот трофеј во сезоната:
„Моите играчи се спремни за едно големо финале и се надевам дека денеска ќе бидеме победници во дуелот со МЗТ Скопје. Во нашиот тим навистина има квалитетни играчи, на сите позиции сме покриени и мислам дека сме единствени во лигата покриени на сите позиции со домашни играчи. Генерално сум задоволна и се надевам дека ќе продолжиме со добри игри, до крајот на првенството, не само на Купот“ - вели Стојановска пред финалната пресметка.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
ПОЛУФИНАЛЕ
Баскет кам 2011 – Крива Паланка 90:70
Вардар - МЗТ Скопје Аеродром 64:69
3.МАРТ (НЕДЕЛА)
ФИНАЛЕ
16.15: Баскет Кам 2011 – МЗТ Скопје Аеродром (пренос МРТ3)