02.03.2024

31. издание на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ во женска конкуренција може да почне.

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024 – ЖЕНИ: Викенд исполнет со изедначеност и неизвесност, секој од „четворката“ со свои амбиции  кон трофејот

Денеска на паркетот во СРЦ „Кале“ ќе продефилираат четирите најдобри екипи во првиот дел од сезоната во Првата „А“ лига, кои се дел до финалниот турнир на кој ќе биде промовиран и новиот освојувач на драгоцениот трофеј.

Го бранат кошаркарките на МЗТ Скопје Аеродром, кои лани беа подобри од Баскет Кам 2011. А промена на листата на учесници ја прави учеството на екипата на Крива Паланка, која по втор пат во својата историја е дел од најдобрата куп „четворка“.

Токму девојките од Крива Паланка се и противникот на актуелниот шампион, и моментален лидер на првенствената табела во мечот кој и ќе го отвори турнирот.

16.00: БАСКЕТ КАМ – КРИВА ПАЛАНКА

Екипата на Баскет кам по четвртти пат во серија е учесник на завршниот турнир. И има два трофеи во ова натпреварување во последните три години, што донекаде ги прави и како некои фаворити пред стартот на полуфиналните мечеви.

„Можам да кажам дека нé очекува возбудлив кошаркарски викенд. Пред се поради квалитетот на самите екипи кои што ќе се натпреваруваат, а сето тоа носи и многу неизвесни натпревари. Ние сме подготвени и премногу мотивирани да покажеме најдобра игра. И се надевам тоа ќе ги го донесе она што го посакуваме, а тоа е трофејот“ – посакува Катерина Поп Димитровска, капитенот на екипата од Македонска Каменица.

Свои мотиви и амбици з аекор понапред од полуфиналето, постојат и кај кошаркарките на Крива Паланка. Ги пренесува капитенот, Михаела Алексовска:  

„Најпрвин да им посакувам среќа на сите екипи. Сигурна сум дека сите натпревари ќе бидат одлични за гледање. Но, јас верувам во нашиот тим и сигурно е дека ќе го дадеме максимумот за зошто подобар успех“ – истакнува македонската репрезентативка пред дуелот со доста добро познатиот ривал.

18.30: ВАРДАР – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ

Одбраната на пехарот екипата од Аеродром ќе ја почне против Вардар, тимот со кој се соочија и во ланскиот полуфинален меч од ова натпреварување, и во кој излегоа како победници.

Марија Митева, во улога на капитен на МЗТ Скопје вели дека целта е иста како и во ланското издание, да се освои трофејот:

„Целта лани беше да го освоиме првиот пехар. Разбирливо, годинава целта е да го одбраниме трофејот. Верувам во девојките дека можеме да го направиме тоа, зошто да не? Се надевам дека целиот труд што го вложивме изминатиот период ќе се исплати“ – смета бекот на екипата од Аеродром.

Од друга страна „вардарки“ ќе имаат нова прилика да стигнат до последниот натпревар, оној кој одлучува за новиот освојувач во ова натпреварување.

А капитенот на Вардар, Симона Деловска, очекува неизвесни натпревари, но верува дека вложениот труд ќе донесе резултат:

„Со оглед на тоа дека, во меѓувреме, сите екипи се засилија, навистина не знаеме што може да очекуваме. Фокусот ни е на полуфиналето, во кое ќе го дадеме максимумот. Верувам дека трудот што го вложивме во тренажниот процес ќе донесе резултат“ - најави една од најискусните кошаркарки во „црвено-црна“ комбинација.

Извесно, ќе биде неизвесно, веројатно и возбудливо на двата натпревари од полуфиналето, кои ќе бидта пренесувани и на стреам-платформата, т.е. на „Youtube“ каналот на Македонската кошаркарска федерација.

КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 - ЖЕНИ

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

2.МАРТ (САБОТА)

ПОЛУФИНАЛЕ

16.00: Баскет кам 20111 – Крива Паланка

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/WZbcg3gM57o?si=wRq97bu_4syNndVC

18.30: Вардар - МЗТ Скопје Аеродром

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/SLRrBEyPaSQ?si=SoOXvJkM-dBKrJgc

3.МАРТ (НЕДЕЛА)

16.15: ФИНАЛЕ (пренос МРТ3)