16.02.2022

Од 18. до 20. февруари во СРЦ „Кале“ осум екипи во машка, и уште четири екипи во женска конкуренција тргнуваат по Куп-трофејот

Купот може да почне, финалистите подготвени за спектакл

Претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, му го предаде на капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски пехарот кој клубот од Аеродром го заслужи ланската сезона, што носи дополнителна обврска за нив , да се обидат да го одбранат во периодот од 18. до 20. февруари се игра финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.

„За Купот можам да кажам дека е специфичен, не секогаш победува фаворитот. Играме против Гостивар, знаеме дека станува збор за квалитетна екипа. Ќе мора пристапот да биде сериозен, да дадеме се од себе и на крајот се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе извојуваме победа“ - изјави на прес-конференцијата Дамјан Стојановски.

Екипата на Гостивар ќе се обиде да го прекине континуитетот кој МЗТ Скопје Аеродром го има во ова натпреварување.

„Им посакувам на сите успешна и квалитетна игра, без повреди. Како противник уште во четвртфиналето го добивме МЗТ, можеби најнепосакуваниот тим затоа што во моментов е најквалитетна екипа со шест актуелни репрезентативци во составот и четири квалитетни странци и така несомнено е најголем фаворит во Купот. Меѓутоа колку и ние не ги посакувавме нив, мислам дека и тие не нè посакуваа во четвртфинале. Ќе се обидеме да ги изненадиме и да донесеме радост во Гостивар. Се подготвивме доволно, без разлика што имавме два меча во последните три дена. Имавме поголема прилика да го следиме противникот и во АБА 2 лигата. Ни одговара екипа која игра систем-игра, за разлика од другите побрзи екипи кои се базираат на транзиција и на трчање. Верувам дека овој дуел ќе биде квалитетен и нека победи подобриот“ – смета Александар Јончевски, шефот на стручниот штаб на Гостивар.

Втората четвртфинална двојка ја сочинуваат екипите на ТФТ и лидерот во шампионатот – Пелистер.

Лани битолчани иако во улога на фаворити, беа изненадени од екипата на Навико Академија ФМП. Истото го посакуваат и „црно-белите“ од Тафталиџе, кои се побогати за искуството кое го имаа со ланскиот настап во ова натпреварување.

„Голема чест за нас е како млад клуб втора година по ред да играме во Купот на Македонија. Оваа година со плус една година искуство. За противник ја имаме непоразената екипа на Пелистер. Меѓутоа, условно кажано, играме на домашен терен и системот на натпреварување-елиминација дозволува можност да се надеваме дека може да бидеме поуспешни во однос на лани и можеби ќе успееме да дојдеме до првиот успех и победа во рамки на Купот. Сметам дека екипите кои ќе бидат најдобро физички подготвени ќе имаат предност, а за нашата екипа сметам дека е добро подготвена физички. Се надевам дека оваа година ќе имаме повеќе гледачи и ќе направиме празник за кошарката во претстојниот викенд“ - ги пренесе своите очекувања предводникот на ТФТ, Боро Смилковски.

„Пелистерци“ и дефинитивно нема да се враќаат во минатото, напротив, гледаат на она што следува во петок попладне, дуелот, прво од  четвртфиналето против екипата на ТФТ од Скопје со кој ќе биде отворен завршниот турнир од Купот.

„Се надевам дека свесни сме на тежината на првиот натпревар. ТФТ е екипа која што трча, која одлично е подготвена и ќе мораме да одговориме со тактички замисли како да ги заштедиме играчите и да ја искористиме малата ротација. Се надевам дека нема да земе данок тешкиот натпревар против Еуро Никел во вторникот. Можеме да ветиме дека нема да се предадеме, без разлика дали е тоа првиот натпревар, а дај Боже да завршиме со финалниот натпревар. Тогаш ветувам дека за нас постои само една опција, а тоа е позитивен резултат во наша корист“ - смета тренерот на лидерската екипа во шампионатот, Марјан Илиевски.