24.02.2022

Во Тбилиси, видно подмладениот македонски состав не доби многу шанси за изненадување, пораз (70:91), трет во квалификациите за СК 2023

КВАЛИФИКАЦИИ - СК 2023: Грузија многу подобра од Македонија

Машката сениорска репрезентација запиша пораз на гостувањето во Тбилиси. Подобра од нашата селекција беше онаа на Грузија.  

ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА           91:70

Убедливи (22:13) имаше Грузија по девет минути од играта. Но со петте поени кои дојдоа од Ефремовски, ја преполовивме негативата до првиот „мал одмор“ дојдовме на (18:24).

Очекувано, имавме проблеми во одбраната со Шермадини и Мек Фејден кои искомбинираа 15, од тие 24 поени на домашната селекција во првата четвртина.

Двете тројки на почетокот на втората, ги однесоа домашните кошаркари на највисок плус од 12. поени (32:20).

Серијата ја прекина капитенот Војдан Стојановски.

За кратко, затоа што серијата на Грузија продолжи до (12-2) и го примора Александар Јончевски, кој ја водеше нашата селекција на овој натпревар на местото на селекторот Драган Бајиќ (позитивен на корона виорусот), да побара тајм-аут во 15.минута од играта.

Втората тројка (од два обиди), на Стојановски одново донесе надеж дека ќе почнеме да поентираме. Намаливме на (26:38). Но Мек Фејден и Шермадини немаа намера да сопрат. Собраа дури 32. поени до истекот на полувремето во кое Грузија имаше убедлива предност од (46:31).

По паузата, Грузијците продолжија со ефикасната игра, и брзо стигнаа до плус од 20.поени (53:33). По новата тројка на нивниот најдобар играч, Мек Фејден, в.д. селекторот Јончевски мораше да го сопре налетот (10-2) со нова минута за одмор по нешто повеќе од четири минути игра од третата четвртина.

Слично како и во првото полувреме, погодувавме периодично. Во мини серија беше Николов, но бевме далеку од некоја достижна негатива.  Без промени протекнаа и тие десет минути во кои Грузија ја сочува високата позитива (68:47) и се усмери кон вториот триумф во три одиграни кола од групата „Г“ во евро-зоната од светските квалификации.

Во последниот дел, Стојановски и Робев станаа нашите „двоцифрени“ кошаркари. Но дефинитивно премалку за да се спротивстават на далеку поквалитетниот ривал, во кој освен одличниот тандем, Шермадини-Мек Фејден, во второто полувреме одично одигра и Санадзе, кој исто така ја надмина двоцифрената бројка на реализации.

До крајот на натпреварот, Бојан Крстевски стигна до дабл-дабл ефект од 11. поени и 11. скока, ист број на поени имаше и Ефремовски, додека пак Џејкоб Вајли беше блиску до таков, двоен учинок, имаше осум поени и девет скока.

Ова беше трет пораз на нашите најдобри кошаркари во квалификациите за Светскиот Куп 2023. Наредниот натпревар, против истиот противник, го играме за три дена, на 27. февруари, во Скопје. Од 20.часот во А1 Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Претходно загубивме и од селекциите на Шпанија, односно Украина.

Деби минути за Данаиловски, Какруки и Митевски

Овој меч во кој игравме со значително изменет состав, полн со доста млади кошаркари, беше можност некои од нив да ги добијат и првите минути во сениорската селекција.

Освен Андреј Митревски (постигна три поени), кој дебитираше во минатио евро-квалификациски циклус, дуелот во Тбилиси особено ќе го паметат и Павел Данаиловски, Ваљмир Какруки, односно Максим Митевски. Се разбира, поради деби настапот во сениорската репрезентација на Македонија.