04.10.2023

Германскиот состав e далеку поквалитетeн од македонскиот, стигна до убедлив триумф, (101:72) и шанса за прво место на турнирот во Никозија

Квалификации ФИБА Еврокуп: Феникс 2010 загуби од Рошток и се збогуваше со Европа

Кошаркарите на Феникс 2010 го завршија својот настап во „Е“ квалификациската група од ФИБА Еврокупот, со пораз во натпреварот со германскиот Рошток.

Нивниот втор неуспешен обид на турнирот во Никозија, означи и елиминација од евро-натпреварувањата на дебитантот во ФИБА Еврокупот.

ФЕНИКС 2010 – РОШТОК           72:101

Нешто налик на првото појавување во Никозија, „фениксовци“ почнаа добро, не му дозволија на поквалитетниот противник да се одвои. На истекот на првата четвртина Феникс 2010 заостануваше шест поени (16:22), но проблемите во играта, особено во одбраната, се појавија кога поради три лични грешки на клупата мораше да седна најискусниот во нивните редови, Бојан Трајковски.

Германскиот тим го искористи тој момент на „недостаток на сантиметри“ во рекетот на Феникс 2010, и до полувремето обезбеди висока предност (47:31).

Со така скратена ротација, беше уште потешко за нашиот претставник во оние втори 20.минути. За Феникс 2010 последни на собирот во Никозија. Кога веќе стигнаа до убедливо водство, кошаркарите на Рошток рутинерски го одработуваа оние преостанати минути. За нив „загревачки“ за пресудниот меч за првото место во групата „Е“, против Керавнос, кој се игра утре вечер, исто така од 18.часот.

Поентерски гледано Рис реализираше најмногу, 19.поени, Хајнс-Џонс додаде 15, Даниел 12, а младиот Зетов уште 10.поени за Феникс 2010 на разделбата со Европа.

Утревечер, од 20.30 часот во СЦ „Кале“, нашиот втор претставник во евро-квалификациите, екипата на Работнички, го игра третиот (и последен натпревар). За противник го имаат холандскиот Донар од Гронинген, а двете екипи ги загубија шансите за премин во следната натпреварувачка фаза од ова натпреварување, по двата порази во првите две кола од турнирот во Скопје.

КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР – ГРУПА „Е“ –НИКОЗИЈА

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД

ПРВО КОЛО

Керавнос – Феникс 2010           107:60

Рошток – слободен

ВТОРО КОЛО

Феникс 2010 – Рошток   72:101

Керавнос - слободен

5.ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК)

18.00: Керавнос – Рошток

Феникс 2010 - слободен

 

КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР – ГРУПА „А“ - СКОПЈЕ

РАСПОРЕД И РЕЗУЛТАТИ

ПРВО КОЛО

Донар – Сабах        72:75

Работнички – Рапид        57:87

ВТОРО КОЛО

Рапид – Донар       69:65

Сабах – Работнички         83:81

5.ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК)

17.30: Рапид – Санах

20.30: Донар – Работнички