11.11.2021

Фаворитот имаше одлична трета четвртина во која ја направи клучната предност за победата, преголема (73:41)

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2003 – ЖЕНИ: Бевме подобри од Германија едно полувреме, но тоа беше премалку за победа

Женската сениорска репрезентација на Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Евробаскетот 2023 година. Имавме одлично прво полувреме во Хале, и водство (30.26). Но и сериозен пад во играта во второто, во кое фаворизираниот тим на Германија ги казни сите грешки на нашата селекција за да направи пресврт и да победи.

ГЕРМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА    73:41

Одлична прва четвртина одиграа нашите кошаркарки. И вистинска штета е што ја завршија со „само“ четири поени предност (18:14). Штета од причина што добриот вовед во мечот во Хале, во кој имавме и највисоки (13:4), делумно ги загубивме.

Најмногу поради не баш идеалниот дефанзивен скок. Физички подоминантните Германки остварија предност во скокачките активности. Уште во првите десет минути имаа девет скока повеќе (14 спрема 5). Но осумте поени кои дојдоа од капитенот Митрашиновиќ (ја даде единствената тројка во тој дел од играта), добрата тимска игра во одбраната, ни ја дадоа таа предност по 10.минути од премиерниот меч во квалификациите за Евробаскетот 2023.

Добро го отворивме, со тројка на Стојановска, и вториот период, за солидни (21:14), по втората на Митрашиновиќ имавме и (24:17).

Благодарение на добриот шут од далечина, и успевавме да го сочуваме водството По втората на Стојановска, а трета наша во втората четвртина имавме (27:22). Но имавме сериозни проблеми во скокот, пред се во заградувањето на рекетот. Сепак, со мала помош од Николиќ и Митревска, на полувремето водевме, имавме (30:26), макар што погодувавме со 33.33% во шутот за два, но и за три поени.

Никако не успеавме да ја смалиме скокачната разлика. Германките направија дури 32. скока, од нив дури 19 во нападот. Премногу во однос на нашите 18!

Митрашиновиќ имаше 11, а Стојановска 8. поени за нашата селекција во тие 20.минути.  

Нашиот капитен ги даде и првите три поени во третата четвртина за (33:26), но во наредните четири, Германија направи серија од (10-0), и по двете врзани тројки на Хабекер, да стигне до првото водство (36:33). А нашиот селектор Александар Ашаданов да побара тајм-аут во средината на тој период. Серијата на противникот ја прекина Кожобашиовска. Но се појави нов проблем во играта на нашата селекција.

Слабата реализација на слободните фрлања. Во 25.минути од играта не реализиравме дури 10 од 22 изведени „пенали“.
Се што градевме во првото полувреме го загубивме во третите десет минути. Германките направија високи (28-7), со кои ја преземаа контролата над играта и над резултатот. На влезот во последниот дел имаа убедливи (54:37).

Не го решивме проблемот со скокот, домаќинот имаше двојно поголеми 48/24 во тој сегмент, и се појасно стануваше колкав хендикеп претставува отсуството на Девана Бонер и на Ивана Кметовска во рекетот.

Не се одбранивме од тој атак на Германките, па новата шанса ќе ја бараме на домашен терен. Во недела навечер, во СРЦ „Кале“, од 19.часот, каде ни гостува одличниот состав на Босна и Херцеговина.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2003 - ЖЕНИ

ГРУПА А

РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО

Германија – МАКЕДОНИЈА       73:41

БиХ – Белгија         87:81

ИДНО КОЛО (14.НОЕМВРИ)

16.00: Белгија - Германија

19.00: МАКЕДОНИЈА – БиХ