12.11.2020

Хрватските кошаркарки ја оправдаа фаворитската улога, но добро се помачија за да дојдат до двата бода (80:62) на премиерата во Рига

Квалификации за Евробаскет 2021: Една нова, многу подобра Македонија!

Македонија загуби од селекцијата на Хрватска во првиот натпревар од „балонот“ кој во овие три дена се одржува во Рига.

Она што пред почетокот на турнирот селекторот Владимир Ѓоровиќ и го најавуваше, нашите девојки го реализираа.

Делуваа како една селекција која има што да покаже на теренот, особено по двата стартни порази во „И“ квалификациската група за пласман на Евробаскетот 2021

Откако се ослободија од почетниот притисок нашите девојки му парираа на големиот фаворит. Но без подлабока ротација не успеаја да ја стигнат двоцифрената негатива во која влеговме уште во првата четвртина.

ХРВАТСКА – МАКЕДОНИЈА        80:62

Одлично прво полувреме одиграа нашите кошаркарки на премиерата од „балонот“ во Рига. Иако не почнаа како што посакуваа, како одминуваа минутите, така се посигурно делуваа избраничките на Владимир Ѓоровиќ. Гоа се ослободија од тој почетен притисок во главите, се делуваше многу подобро.

Предводени од Бонер и Митрашиновиќ, стигнавме и до два поени негатива. Резултатот беше (32:34), доволен сигнал за селекторот на Хрватска, Стипе Бралиќ, во таа 15.минута од играта да земе минута одмор.

Тоа му донесе резултат за нашиот противник кој до истекот на полувремето ја врати двоцифрената позитива која ја имаше по првите десет минути (28:17).

На одмор таа разлика беше идентична (46:35).  Се чини и превисока во однос на случувањата на теренот, затоа што девојките во црвено-жолта комбинација делуваа подобро во однос на бројките кои стоеја на семафорот.

Послабо влеговме и во продолжението од играта во кое му дозволивме на фаворитот, најчесто преку одличната Дојкиќ (уфрли дури 30.поени за три четвртини) да креира и плус од 18. поени (59:41).

Откако Трајчевска им се приклучи на Бонер и на Митрашиновиќ во офанзивните активности, и стана третата со двоцифрен број на поени во нашата селекција, се доближивме на -10,  (51:61), резултат во 28.минута од мечот. Но уште еднаш застанавме во завршницата на четвртината. Шест неодговорени поени, нè одалечија на (51:67).

Сили за некое ново враќање нашиот национален тим немаше. Со ограничен број на играчи кои можат да одговорат на еден ваков предизвик, не можевме повеќе од тоа. Реално, во овој момент Хрватска е репрезентација која е веќе на Евробаскетот.

Нам ни останува нова шанса за докажување, за два дена, против репрезентацијата на Германија.

На оваа прва „проверка“, и во својот прв настап во дресот на нашиот национален тим, Девана Бонер покажа зошто е дел од елитата на WNBA лигата. Остана на теренот 39:05 минути, и притоа реализираше монструозни 20.поени, 17.скокови и 7.асистенции.

Капитенот Митрашиновиќ се врати со  15.поени, 4.скока и 3.асистенции, додека пак Трајчевска запиша 10.поени, 3 скока и една асистенција.