26.02.2024

Вечерва (18.часот), во Сосновиец, нова шанса за нашата најдобра селекција, да дојде до победа во новиот квалификациски циклус

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025: Борба за секоја топка, тоа е патот за успех против мотивираните Пољаци

Македонската сениорска репрезентација е во Сосновиец, каде вечерва, од 18.часот, во Арената „Арцелор Митал Парк“, следува вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2025 година, против репрезентацијата на Полска.

На премиерниот меч, оној пред неколку дена во Скопје, против репрезентацијата на Естонија, бевме блиску до победата, но на крајот се радуваа момците од Балтикот, кои имаа подобра завршница.   

Но распоредот на натпреварите во групата „Х“ од квалификациите за Евробаскетот не остава премногу простор, ни за тагување, ниту за радување. Животот оди понатаму, а следен предизвик  за нашите најдобри кошаркари се вика Полска.  

Полјаците веќе имаат обезбедено пласман на Евробаскет 2025 како еден од домаќините на овој шампионат. Но селекторот Игор Миличиќ ги повика најдобрите кошаркари за овој февруарски ФИБА „прозорец“. Полска во првото коло загуби од Литванија, па оваа селекција сигурно максимално мотивирана ќе влезе во дуелот со нашиот национален тим.

Двете селекции релативно добро се познаваат, особено ако се земе в предвид дека лани одигравме два контролни натпревари во Белград. Секако, има измени во ростерите на двете екипи. Во нашата, селекторот Александар Јончевски го има на располагање и Американецот Итан Хап, кој беше еден од најдобрите на премиерата во СРЦ „Кале“ и оној дуел со Естонија.

 „Направивме премногу грешки, тоа беше причината за поразот. Во првото полувреме одлично ги оддалечивме во рекетот, но во вториот дел ситуацијата се промени. Бевме надвор од ритам, загубените топки беа многу важен фактор за тој пораз од Естонците“ - прокоментира американскиот центар по загубениот меч.

Нашиот нов играч во центарската линија е свесен за квалитетите на нашиот вечерашен противник - Полска. Потенцира дека борбеноста мора да биде на највисоко моЖно ниво ако сакаме да се стекнеме со шанса за победа.  

„Полска е навистина силна репрезентација, без оглед што е пласирана на Евробаскет сигурно ќе биде мотивирана да одигра добар меч на домашен терен. Ќе мораме да се бориме за секоја топка за да имаме шанса да стигнеме до позитивен резултат. Борбеноста мора да биде највисоко ниво за да се бориме за победа на овој меч“ - вели Хап пред ова прво гостување во квалификациите.

Полска без еден од најдобрите – Понитка се врати во Белград

Полската репрезентација ќе биде сериозно ослабена за вечерашниот квалификациски дуел против Македонија откако Матеуш Понитка отпадна од комбинација за настап.

Еден од најдобрите играчи во полскиот состав веќе го напуштил националниот тим, и е во Белград каде се приклучил на подготовките на неговиот актуелен клуб – Партизан.

Понитка беше стартер на Полска на првиот меч во евро-квалификациите, оној во Вилнус против селекцијата на Литванија. Одигра скоро 35.минути во кои реализираше 13.поени и беше еден од најефикасните играчи во својата репрезентација.

Полска – Македонија со директен ТВ пренос на „Sportklub 4 HD“

Вечерашниот натпревар, втор за нашиот национален тим во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година, ќе биде пренесуван на спортскиот канал  „Sportklub“

Преносот од салата во Сосновиец, стартува од 18.часот, а ќе оди „во живо“ на „Sportklub 4 HD“.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025

ГРУПА „Х“

ДВОЈКИ 2. КОЛО

18.00: Полска – МАКЕДОНИЈА

18.00: Естонија – Литванија

ТАБЕЛА

1.Литванија 1          1          0          83:64 2

2. Естонија   1          1          0          74:69 2

3.МАКЕДОНИЈА    1          0          1          69:74 1

4.Полска      1          0          1          64:83 1