22.02.2024

Селекторот Александар Јончевски се одлучи со кои 12. кошаркари ќе ги стартува новиот циклус од евро-квалификациите

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025: Хот и Петков ќе чекаат друга шанса за сениорски минути

Непосредно по одработувањето на последниот тренинг во СРЦ „Кале“, селекторот Александар Јончевски се одлучи со кои 12. кошаркари ќе ги стартува новиот циклус од евро-квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Од оние 14 кошаркари кои ги има(ше) на располагање, селекторот Јончевски се одлучи овој меч со Естонија да го „прескокнат“ довчерашните младински репрезентативци, а сега сениорски, Амар Хот и Марин Петков.

Секако, тие остануваат дел од тимот, и ќе конкурираат и за наредниот натпревар во овој февруарски ФИБА „прозорец“, односно дуелот со репрезентацијата на Полска, закажан за 26. февруари во Сосновиец.  

Одбра и естонскиот селектор, надвор од тимот во Скопје ќе бидат Кирвес и  Буклер

Јука Тоијала, селекторот на Естонија, исто така донесе одлука со кои 12 кошаркари ќе игра вечерва во Скопје против нашиот најдобар тим.  

Искусниот стручњак, кој е долги години на клупата на естонската репрезентација, се реши од играчите кои допатуваа во нашиот главен град, надвор од тимот да бидат Микел Кирвес и Лемет Буклер, еден од најмладите во противничката селекција.

А своите минути во СРЦ „Кале“, ќе ги чекаат: Март Росентал, Сандер Раиесте, Каспар Трејер, Мик Јуркатам, Матијас Тас, Слим Сандер Вене (капитен), Малик-Калев Котцар, Каспер Сурог, Јанари Јесар, Јонас Рисма, Артур Коноцјук и Кристиан Куламае.