Машката сениорска репрезентација на Македонија забележа пораз на првиот од двата натпревари против селекцијата на Литванија.
Литванците во целост ја оправдаа фаворитската улога, го презентираа тоа со одлична игра, пред се во одбраната, особено во првото полувреме, и стигнаа до вториот триумф во „Х“ квалификациската група за пласман на Евробаскетот 2025 година.
За нашата најдобра селекција ова беше втор пораз во три досега одиграни натпревари во оваа конкуренција. Наредниот, со истиот ривал, ќе го одигра за три дена, на гостински терен во Клаипеда.
МАКЕДОНИЈА – ЛИТВАНИЈА 67:82
По неполни пет минути од играта, Литванија поведе со (11-2) и го примора македонскиот селектор на тајм-аут.
Поените на капитенот Војдан Стојановски реализирани во последните две минути од стартниот период го поставија конечниот резултат, (9:23).
Гранитно цврста, и доста агресивна одбрана постави селекцијата од Балтикот, која нашите кошаркари тешко ја пробиваа во тој воведен дел од мечот во СРЦ„Кале“.
Гостите го зголемија своето водство, имаа и (33:11) во 13. минута од играта. Извесна беше нивната доминација, на двата дела од теренот. На половина од втората четвртина, фаворитот беше уште подалеку (40:17). Мини серијата на Николов, нė приближи на (22:40), за литвански тајм-аут, во нецели 17.минути играње во првото полувреме.
Серијата на нашиот репрезентативен бек продоложи (до десет поени), па на полувремето имавме нешто подобар резултат (27:44).
Николов продолжи со поентирањето и по големата пауза. Неговата нова тројка ја донесе Макеоднија во уште подобра позиција, намаливме на (37:50), а поените на Мекиќ нė донесоа и до скоро едноцифрен минус (39:50), кога се играше 25.минута.
Но Литванците го одбија тој наш одличен напад, вратија со своја серија на поени, доволно да ја вратат високата позитива, и по три четвртини да имаат плус 21 (64:43).
Одигравме добро и во онаа последна четвртина во која одново симнавме дел од негативата. Но поквалитетниот противник не дозволија таа да биде сведен на едноцифрена, или достижна, доволно да дојдат до планираното, да ги освојат двата бода во Скопје. По забивањето на Маслинко дојдовме на -13, (59:72) кога останаа да се доиграат нешто повеќе од три минути. Имавме и (65:76), кога погоди Војдан Стојановски.
Кристијан Николов го заокружи својот одличен настап со реализација на 18.поени и 6.асистенции. Капитенот Војдан Стојановски дојде до 13. реализации (имаше и три скока), а пред да ја добие петтата лична грешка, Крстевски постигна 10. Маслинко и Ѓуроски имаа по осум, а Мекиќ уште шест поени за нашиот национален тим на овој натпревар во полното гледалиште на СРЦ „Кале“.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025
ГРУПА „Х“
РЕЗУЛТАТИ 3.КОЛО
МАКЕДОНИЈА – Литванија 67:82
Полска – Естонија 78:82
ТАБЕЛА
1.Естонија 3 3 0 221:26 6
2.Литванија 3 3 1 224:196 5
3.МАКЕДОНИЈА 3 1 2 232:227 4
4.Полска 3 0 3 213:261 3
ИДНО КОЛО (24.НОЕМВРИ)
17.00: Естонија - Полска
18.30: Литванија - МАКЕДОНИЈА