Како да се намали, како да се минимизира онаа физичка доминација, надмоќ, која нашиот вечерашен противник, оној истиот од пред неколку дена, Литванија, ја прикажа во онаа „прва половина“ од двомечот со нашиот национален тим во Скопје?
Одговор дали Македонија е подготвена да го надмине тој момент, ќе дадат оние наредни 40.минути во кои сега во улога на домаќин се Литванците, а ќе се играат на теренот во Арената „Швитурио“ во Клаипеда, стартувајќи од 18.30 часот (со директен пренос на каналот Sport Klub 4HD).
Јасно е дека приклучувањето на Ненад Димитријевиќ на нашата најдобра селекција, е првата и тоа како важна промена за „црвено-жолтите“, во обид да се даде „одговор“ дека можеме многу подобро од она прво полувреме одиграно во СРЦ „Кале“.
Добиваме многу со Димитријевиќ, тоа им е јасно и на Литванците, кои извесно е дека ќе посветат најголемо внимание на нашот најдобра играч во овој момент.
И предводникот на сениорскиот тим, Александар Јончевски верува дека со бекот на Олимпија на Милано во ростерот, работите ќе одат понапред. Но во исто време посакува промена на оној став, секако во обидите да дојдеме до подобар резултат на овој „реванш“ на балтичко тло.
„Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Но ќе мораме да го смениме ставот, и да одиграме цел меч, ако сакаме подобар исход“ – вели нашиот селектор пред втората пресметка, онаа која ќе се одвива во Клаипеда
Штета е што поради клупските обврски нашиот тим ќе биде ослабен со неиграњето на Кристијан Николов, најдобриот наш актер на средбата пред некоја вечер во Скопје.
Тоа ќе биде и единствената промена во нашиот играчки состав за вечерашниот меч во приморскиот литвански град во кој очекуваме капитенот Војдан Стојановски да го поведе тимот кон изненадување, кое дефинитивно ќе ја остави нашата репрезентација во игра за место кое води кон Евробаскетот кој ќе се игра наредната година.
„Знаеме како треба да одиграме, нешто налик на она што го одигравме во оние втори 20.минути од средбата во Скопје. Очекувам да одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без некои преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта. Реално е дека не може да очекувате позитивен резултат ако имате дваесетина скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот. Но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас, од играчите од надворешната линија. Односно сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“ – смета капитенот на „црвено-жолтите“ кои во овој момент се во негативен скор, односно една победа и два порази по три одиграни кола.
Вечерва, од 17.часот, се игра и вториот натпревар во нашата „Х“ квалификациска група. Во Талин, Естонија ја дочекува селекцијата на Полска. И со евентуален успех, домаќините ќе бидат пред промоцијата на учесник на Европското првенство, каде како еден од ко-организаторите, Полска има директен пласман, и овие квалификации ги игра скоро како „ревијални“.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025
ГРУПА „Х“
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ - 4. КОЛО (24.НОЕМВРИ)
17.00: Естонија - Полска
18.30: Литванија - МАКЕДОНИЈА
ТАБЕЛА
1.Естонија 3 3 0 221:26 6
2.Литванија 3 3 1 224:196 5
3.МАКЕДОНИЈА 3 1 2 232:227 4
4.Полска 3 0 3 213:261 3