24.02.2024

Во најдобрите 12, младиот бек ќе го замени Лејсон Зеќири кој поради здравствени проблеми останува во Скопје

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025: Во Полска ќе патува и Петков

Со една измена во играчкиот ростер денеска, (собирот е од 12.30 часот пред СЦ „Борис Трајковски“) ќе тргне на пат кон Полска нашата најдобра селекција, каде во понеделник ќе го одигра вториот натпревар од квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.

Селекторот Александар Јончевски мораше да направи една измена во играчкиот ростер.

Односно во комбинација за настап против домашната селекција, на средбата која на 26.февруари се игра во Сосновиец, да биде Марин Петков. Довчерашниот младински репрезентативец ќе го заземе местото на Лејсон Зеќири, кој по натпреварот со Естонците се пожалил на здравствени проблеми, поради кои не е во состојба да патува за Сосновиец, каде од 18.часот. го играме вториот меч од квалификациите за пласман на ЕП.