На премиерата од новиот квалификациски циклус за пласман на Евробаскетот во 2025 година, нашата женска сениорска репрезентација, по голема борба, во текот на сите 40.минути, загуби од Португалија на гостински терен во Матошинос.
Нашите девојки успеаа да анулираат двоцифрена негатива во текот на третиот период од играта, дури и го преземаа водството. Но со само три поентерски расположени кошаркарки не успеавме да ја задржиме тешко стекнатата предност.
Португалија го искористи токму тој момент, и „вишокот“ во бројот на скоковите, и на крајот стигна до триумфот,
ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 65:52
Сериозни проблеми имавме во скок играта. Португалија брзо воспостави скокачка доминација. И нашето водство, макар и минимално (10:8), домашната селекција го претвори во нивна предност. На истекот на првиот дел од играта беше (14:10) за Португалија.
Селекцијата која, помалку и неверојатно, оствари дури 19 скока, а дури десет од нив беа офанзивни. Ние имавме многу помалку, осум!
Португалките ја пролонгираа својата серија на реализации, поведоа и со (17:10) во воведните моменти од втората четвртина. Минутите без поени, со тројка ги прекина Митрашиновиќ. Без Хемпе во игра, нашиот капитен „повлече“ во офанзивата. Не дозволи поголемо резултатско одвојување на домашната селекција (16:21).
Макар за момент, од причина што Португалките почнаа да погодуваат од далечина, доволно да се стекнат и со двоцифрена разлика (26:16), по четири минути игра во втората четвртина, за тајм-аут на селекторот Ашаданов.
Мораше да ја врати Хемпе, која заедно со Митрашиновиќ ги уфрли сите 16 поени за нашата репрезентација во тој период од играта.
Не ги решивме проблемите со скокот, имавме и дополнителен, се поголем број на загубени топки.
Но добра работа за нашиот тим беше тоа што почнаа да погодуваат и други кошаркарки. Со серија од седум поени, која ја креираа Кметовска, Тасевска и Селцова, се доближивме на (23:30).
И тренерска реакција на спротивната страна од теренот во 17.минута.
По новите поени на Селцова (седми за неа во првиот дел), имавме и минус од само пет поени (25:30). Но на полувремето Португалија замина со нешто повисока предност (34:27).
Тоа беше своевиден поттик да заиграме уште подобро во продолжението на натпреврот во кое стигнавме и до егал резултат. Во 24.минута го донесе Селцова, погоди за (37:37). А веќе во следниот напад, кога погоди и Хемпе (нејзин 14. поен), Македонија поведе, по подолга пауза, со (39:38).
Имавме и повисоки (45:42), откако уште еднаш поентираше Селцова. Сепак, португалската селекција влезе во последниот, решавачки период, со минимални (47:45).
И почнаа повторно да бидат прецизни, да погодуваат од зад линијата од 6.75 метри. Со две тројки, Португалките се одвоија на (53:45). Нешто потоа одново влегоа и во двоцифрена позитива (59:49) во средината на последниот период.
Следуваше уште една реакција од македонскиот селектор, но во минутите кои следуваа не успеавме да направиме уште еден пресврт, па бодовите останаа во Матошинос, за Португалија.
„Трилингот“ Митрашиновиќ-Хемпе-Селцова реализираше најголем дел од поените за нашата женска сениорска репрезентација на ова далечно гостување. Искомбинираа 48. од крајните 52. поени, што е и една од причините за првиот пораз на премиерниот меч од евро-квалификациите.
Нешто порано, во првиот меч од групата „Г“, во Белград, Србија беше и повеќе од убедлива против Украина, славеше со огромни (82:40).
Токму селекцијата на Србија е наш противник во второто коло од квалификциите во натпреварот кој е закажан за 12. ноември (недела), со почеток од 18.часот во СРЦ „Кале“ во Скопје.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ-ЖЕНИ 2025
ГРУГА „Г“
РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО
Србија – Украина 82:40
Португалија – МАКЕДОНИЈА 65:52
ТАБЕЛА
1.Србија 1 1 0 82:40 2
2.Португалија 1 1 0 65:52 2
3.МАКЕДОНИЈА 1 0 1 52:65 1
4.Украина 1 0 1 40:82 1
ИДНО КОЛО (12.11)
17.00: Украина - Португалија
18.00: МАКЕДОНИЈА – Србија