30.04.2020

„Навистина не ги сфаќам луѓето од МЗТ Скопје, зошто толку инсистираат да бидат прогласени за шампиони на половина од првенството“

Лазар Лечиќ за актуелниот момент во нашата кошарка: „Титулата се заработува на терен, а не со кавги“!

Да се направат сите обиди титулата да ја добие навистина најдобрата екипа во нашата земја, доколку се обезбедат услови, да се игра и некој завршен турнир. Шампионот да не биде „службен“, да биде промовиран на „зелена маса“. Клубовите да се подготовуваат за некои други, многу полоши моменти кои следуваaт во кошаркaрскиоt спорт, а се предизвикани од пандемијата на коронавирусот COVID-19 ...

Така некако гласат размислувањата на легендата на македонската кошарка Лазар Лечиќ.

Нему не му се допаѓаат актуелните случувања во играта со портокаловата топка. Особено прекинот кој настана во шампионатот, а го предизвика пандемијата COVID-19.  

„Ова е навистина еден чувствителен момент во кој многу повеќе внимание мора да обрнеме на здравјето, на безбедноста, иако не смееме да ги заборавиме оние секојдневни активности. А кога сум јас во прашање нели, пред се, кошаркарските“- вели Лечиќ. „Слушам, гледам полемики околу тоа дали треба да се прогласи шампион, или пак сезоната да биде поништена. И сум навистина разочаран како сето тоа е прикажано во јавноста. Наместо да зборуваме за работи со кои треба да одиме напред, ние го правиме спротивното. Лично сметам, и се чудам, зошто раководството на МЗТ Скопје, упорно инсистира да им биде доделена шампионската титула? Што ќе добијат со едно такво, службено прогласување за шампиони? Дали е тоа задоволување на нечии интереси, пред се навивачките, би рекол. Навистина и не гледам друг интерес, освен за да се каже дека биле најдобри во сезоната во која не одиграле ни половина од предвидените натпревари, а оние кои ги добиле ги реализирале со голем број на странски кошаркари. Кому му е потребна титула ‘освоена’ на зелена маса?“

Лечиќ вели дека и во една ваква кризна ситуација во мак-баскетот, можно е да се најде решение.

„Јас знам добро една работа. Титулата се заработува на теренот. А не со вакви кавги кои ги забележувам во последно време помеѓу кошаркарските субјекти. Тоа е решението, да се најде спортски начин за да дојдеме до најдобриот во сезоната. Сега има други проблеми за решавање. Но доколку се отвори и најмала можност, шампионот да се добие на терен. Некои мои размислувања се тоа да биде преку организирање на некој завршен дел, или турнир, кога ќе се стекнат безбедносни услови за тоа. На пример, четирите најдобри екипи да играат во еден град. На едно место, на пример, во Маврово, кој нуди оптимални услови за реализација, пред се од здравствен и безбедносен аспект. Можеби на крај на август или пак во септември...“

Популарниот „Грк“ има и некои идеи за она што би следувало по оваа голема пауза во спортот воопшто, пред се кошарката.

„Она што  битно да се каже, а федерацијата да го прифати како такво, е дека не треба да има испаѓање од друштвото на најдобрите. Особено не во една ваква сложена ситуација во општеството, не саmо кај нас, туку во целиот свет. Еве, токму МЗТ Скопје, неспорно, има најдобри услови за функционирање, за работење, наместо да го трошат времето за кавги со федерацијата, да пробаат да продолжат со концептот, работа со младите кошаркари, а не да мислат само за да задоволуваaт навивачки желби. Секако не само МЗТ, говорам за сите клубови кои имаат амбиции да одат напред. Оттука моја идеја би била за следната сезона федерацијата да го ограничи бројот на странски играчи на два. Да не дозволиме тренерите да ни (по) станат инвалиди, паразити, секако условно кажано. Да не ‘чекаат’ четири, пет или шест странски играчи, да прават резултат со нивна помош, а без онаа која треба да дојде од младите играчи. Помина тоа време... Кој ќе купи толку квалитетни странци кај нас во сезоната која доаѓа. Не верувам дека има многу такви клубови, подготвени за тоа. Треба да се размислува напред, а не да се расправа за титулата, за еден пехар. Да им се даде уште поголема шанса на младите. Оваа сезона МЗТ го почна тоа, тоа е за пофалба, така треба и да продолжат, да не се занимаваат со некои други работи. Крајниот збор, сепак, го има федерацијата“.

Се чини дека оваа пауза е и предолга токму за тој младински сегмент. И треба да се бараат начини како да биде „пократка“.

„Да, добро резонираат луѓето во федерацијата. Треба да се исцрпат сите можности, младите да играат летово. Повторувам, ако условите го дозволуваат тоа. Никој не сака ни најмал ризик со децата. Имаат своја сала на располагање, во СРЦ ‘Кале’, која треба да е полигон за вежбање, па со задоволување на препораките од Министерството за здравство, да почне да  се работи. Секојдневно, целодневно, да се искористат сите ресурси. Да се ангажираат селекторите, да ги соберат репрезентативците на едно место, и да работат. Ништо друго не ни преостанува, секако, освен да го чекаме тој момент кога повторно ќе се игра кошарка. Ќе дојде секако, ама ние мора да го дочекаме подготвени“- поентира Лечиќ.

Ни потврди дека ова е првиот негов ден на „слобода“, како што знае да каже, по скоро двомесечен „домашен притвор“.

„Издржав некако, сега е сè полесно. Уште да продолжи кошарката, без овие кошаркарски караници, ќе ми биде уште подобро. Се надевам дека така ќе биде. Останете ми здрави“. – порача Лазар Лечиќ.