Составен дел е на селекцијата на Македонија за играчи „Под 20“ години. Оваа година ја искористи да проживее дел од еден „американски сон“, секако, онаа кошаркарска верзија.
Во тој временски период да „поработи на себе“, да биде подобар од што бил.
Лејсон Зекири ќе ги памети овие моменти, токму по тоа. По тој индивидуален напредок, стекнат во оние неколку месеци „работење“ во САД.
Деновиве поминати во овој карантин не се баш лесни и едноставни?
„Да, затоа што освен што не можеме да играме натпревари, не можеме ниту да вежбаме нормално, како што треба. Но, таква ни е ситуацијата, и мислам дека и во едни вакви услови, туркаме доста добро, Секако, со надеж дека полека сè ќе се среди, и дека ќе продолжиме во исто темпо како и пред пандемијава предизвикана од корона вирусот“- констатира високото крило, кој по враќањето од САД, тренажниот процес го реализираше со екипата на Партизан Водно Санс.
Освен актуелниот хендикеп, односно прекинот, ова е сезона на голем индивидуален напредок за Лејсон Зекири?
„Оваа сезона, пред мене беа неколку предизвици. Пред се, сакав да го подигнам своето кошаркарско знаење, добив една шанса и заминав за САД. Факт е дека сезоната беше прекината порано, секако поради виша сила, но во принцип, слободно можам да кажам дека и не беше така лошо за мене. Зборувам од онаа индивидуална страна. Во тие неколку месеци престој ‘преку барата’, напреднав многу. А доказ за тоа, се и тимските резултати со клубот за кој што настапував таму. Со моите ‘спартанци’ освоивме неколку регионални турнири.
Дефинитивно, Америка беше едно многу добро искуство, Имав прилика да се натпреварувам со играчи во таа возрасна категорија кои што се ставени во списокот на најдобрите во Америка. На пример, игравме против многу добри тимови и академии кои прават НБА играчи. Гледав и доста натпревари од колеџ лигите. Видов на какво високо ниво се поставени работите, како е да се игра во една така силна конкуренција“.
Пандемијата ги прекина и сите ФИБА натпреварувања, па и шампионатот за играчи „Под 20 години“ на кој требаше да настапи и македонскиот национален тим?
„Би рекол дека имавме ‘лоша среќа’. Како што велиме, сезоната не ни се ’погоди’ во тој аспект од нашето секојдневие. Нема да играме на Европското првенство. Но, тоа веќе не е до нас. Затоа сега, односно кога сето ова ќе го оставиме зад нас, ќе треба да вежбаме, да истренираме уште посилно. Да се подготвиме најдобро што можеме за сезоната што ни следува. Одиме напред, кон нови предизвици. И клупски и репрезентативни“.
Што понатаму, особено по она „американско искуство“?
„За понатаму, искрено, се уште не сум одлучил каде ќе играм следната сезона. Имав некои разговори со неколку тимови од Македонија. Но уште ништо не сум решил што, како и каде понатаму. Се надевам дека во скоро време ќе ги тргнам дилемите. Работите ќе ги дефинираме, но прво да помине ова’лудило’. Да се вратиме во некој нормален живот“- се надева на „брз одговор“ Зекири.