22.02.2024

„Јас сум спремен да дадам сè од себе во овој дрес за сите да ги направиме горди“ - најавува повратникот во нашиот национален тим

Лејсон Зеќири: „Естонија можеме да ја победиме“

Нашите најдобри кошаркари полека но сигурно, ги реализираат планираните активности пред она што следува веќе од петок навечер, старт на квалификациските натпревари од групата „Х“ за пласман на Европското првенство во 2025 година.

Лејсон Зеќири повторно е дел од националниот тим. Конкурира за место во оние 12 кои ќе бидат актери на првиот натпрвар од квалификациите, против Естонија, закажан за 23. февруари (петок) во 19. часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Крилниот кошаркар истакнува дека е подготвен да го даде максимумот за репрезентативниот дрес и верува дека Естонија може да биде совладана:

„Очекувам победа на овој натпревар. Но за тоа ќе треба да одиграме тимски. Ако се случи тоа може да ги изненадиме, да ги победиме. Колку ќе играм јас, тоа зависи од селекторот. Јас сум спремен да дадам сè од себе во овој дрес за да ги направи горди сите.

Овие денови за подготовки не се ниту многу, ниту малку. Тренираме по двапати на ден, што е добро, а во тимот има големи професионалци кои долго време играат заедно и сигурен сум дека сите ќе се воиграме и нема да имаме проблеми“ – појаснува повратникот во нашиот национален тим, пред натпреварот против нашиот стар должник во годините кои се зад нас.