14.09.2021

„Пред десет години, Македонија и Владо Илиевски ја шокираа Литванија“, пишува во објавата на ФИБА.

„Леле луѓе, што направивме, радувај се Македонијо!“ (ВИДЕО)

На денешен ден пред точно десет години се случи најголемата сензација во историјата на европската репрезентативна кошарка, кога Македонија ја совлада Литванија (65:63) среде Каунас и избори пласман во полуфиналето на Европското првенство (ЕП) чим домаќин беше нашиот ривал.

Моментите од оваа средба и легендарната тројка на Владо Илиевски се длабоко врежани во сеќавањата на сите спортски вљубеници во нашата држава, а на клучните моменти од овој меч потсетија и од Светската кошаркарска федерација (ФИБА) преку својот профил на социјалните мрежи.

„Најголемото изненадување во историјата на европските првенства? Пред десет години, Македонија и Владо Илиевски ја шокираа Литванија“, пишува во објавата на ФИБА.

Четвртфиналниот натпревар се одигра на 14 септември 2011 година во преполната сала во Каунас, каде што нашите момци имаа подршка од неколку стотици френетични навивачи, кои еуфорично ја прославија најголемата спортска победа во историјата на овој спорт кај нас. Успехот беше легендарен, исто како и безвременската изјава на јунакот Илиевски.

„Леле луѓе, што направивме! Радувај се Македонијо“, извика легендарниот бек во преносот и го дополни историскиот успех со уште еден сегмент што вечно ќе се памети.