Леонид Тодоровски за прв пат во својата не баш долга кошаркарска кариера дојде во ситуација да биде и кандидат за дресот на сениорската репрезентација на Македонија.
И не само тоа... да ги чека своите сениорски минути во „црвено-жолтиот“ дрес...
Центарот на МЗТ Скопје Уни Банка веќе беше дел од оние младински селекции на нашата држава, а сега треба да биде дополнение на оној недостаток на сила, на висина, на „тело“ кое во овој момент нашиот национален тим ги нема во доволна количина.
Со својата висина, сила, младост, Тодоровски ќе треба да го затвора рекетот на нашата селекција, да биде пречка за нападите на противниците во мечевите против селекциите на Италија и на Естонија.
Секако под услов да добие одреден број на минути од селекторот Александар Тодоров.
Благодарен е Леонид Тодоровски што воопшто е дел до овој состав кој денеска отпатува за Талин каде нè чека ноемврискиот циклус од квалификациите кој ќе биде турнирски.
„Пред сè, му се заблагодарувам на селекторот што ми даде една ваква шанса, да бидам тука, во ова друштво и да настапувам во сениорската репрезентација. За мене исклучително важен момент во кариерата“ – скромно вели Тодоровски, непосредно пред заминувањето за Талин.
Нашиот млад репрезентативец ќе ја чека својата шанса за деби во сениорската селекција. Има две можности за тоа. Првата е на 28. ноември, во дуелот со репрезентацијата на Италија, а два дена подоцна и против домаќинот на турнирот, Естонија?
„Искрено, очекувам да ја победиме Естонија, и тоа со повеќе од десет поени разлика. Ќе се потрудам доколку добијам шанса, максимално да го оправдам повикот на селекторот. Подготвен сум за овој нов предизвик во мојата кариера. Сум во постојан тренажен процес во овој изминат период и одреден број на официјални мечеви во нашиот шампионат“.
Тодоровски не би требало да има некој проблем со онаа нималку лесна, репрезентативна „адаптација“. Особено ако се земе в предвид дека доаѓа од средина која „дава“ половина од кандидатите за националниот тим.
„Иако зад нас се само неколку тренинзи во Скопје, се познавам добро со моите репрезентативни соиграчи. Со дел од нив сум играл и во иста екипа, со другите како противници. Полека се навикнуваме на барањата кои со себе ги носи играњето на едно вакво репрезентативно ниво. Сите сме тука со една цел – да победуваме. Така ќе биде и во Талин, се надевам“ – додава еден од дебитантите во овој избор на Тодоров за „балонот“ во главниот град на Естонија.