15.02.2017

Организаторот на кошаркарскиот Куп е подготвен за возбудлив турнир

ЛИМАК Холдинг порачува: Се гледаме во Кавадарци!

Само два дена нè делат од натпреварите од завршниот турнир од Купот на Македонија. Оваа година , Купот ќе го носи името ЛИМАК по името на генералниот спонзор кој победи на лицитацијата за организарање на завршницата.

Лимак Холдинг е светски реномирана компанија која е основана во 1976 година, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти.

„Имаме проекти ширум Балканот, но и во Блискиот Исток. Мило ми е што и Македонија ќе ја додадеме на таа мапа. Би сакал да изјавам дека имаме долгорочни инвестициски планови за изградба на станбен објект, трговски центар како и хотел во центарот на Скопје. Комплексот од објекти кој се надеваме ќе стане препознатлив дел од градот вреди повеќе од 200 милиони евра. Го одбравме Кавадарци за место каде сите најдобри тимови ќе се натпреваруваат и се надевам дека натпреварите ќе бидат неизвесни, фер и возбудливи до крај. Се гледаме во Кавадарци!“ – порача генералниот директор на компанијата Лимак во Скопје, Мурат Јурдал.

Благодарност до Лимак Холдинг како и до Фени индустри кои се согласија да и помогнат на Македонската кошаркарска федерација во организација на Купот изрази и претседателот на МКФ; Петар Наумоски.

„Сакам да им посакам голем успех на сите клубови и се надевам дека организацијата на која работевме многу напорно во изминатиот период и ќе биде на највисоко ниво како што верувам дека ќе биде“ - истакна Наумоски, а потоа му го врачи трофејот на капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, клубот кој минатата година го освои во Гевгелија, Марко Симоновски.