Љубомир Младеновски е еден од оние играчи кои се на списокот на селекторот Александар Тодоров кој веќе е во некој натпреварувачки ритам, зад него и екипата за која настапува и оваа сезона се доволен број на квалитетни натпревари како оние четири во изминатите две седмици во „балонот“ на Златибор кој го организираше АБА 2 лигата.
И би се рекло дека сега доаѓа момент во кој, поради „кусокот на сантиметри“ во нашата најдобра селекција, за овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА во кој нè чекаат два натпревари на турнирот во Естонија, веројатно ќе биде и еден од носителите на играта во овој репрезентативен состав.
„Конечно по помало одложување во домашната првенство, почнавме пред две и пол недели со мојот клуб, Работнички во АБА 2 лигата, каде се играше по еден турнирски систем. Би се рекло, се собраа доста натпревари за кратко време. Завршивме пред неколку дена. Имавме и неколку дена да се одмориме, да се опоравиме. Сега ни е прв собир со репрезентацијата. Малку е тешка ситуацијата поради вирусот, со оние тестирања, со заболени, моменти во кои не се знае ништо, ни кој ќе патува, во кој состав ќе бидеме во Талин. Овие неколку дена ќе тренираме тука, во Скопје. Во понеделник патуваме за Естонија. Позитивно е тоа што ќе бидеме неколку дена порано во Талин. И се надевам дека ќе имаме доволно време да се воиграме со новиот Американец и со Војдан. И со нив заедно во тимот да одиме на двоцифрена победа против Естонија“- коментира Младеновски во однос на оној актуелен момент во кој функционира нашата најдобра селекција.
Колку Љубомир Малденовски во овој момент знае за нашите противници во „балонот“ во Талин, планиран за периодот од 28.до 30. ноември, односно за Италија и за Естонија. Секако и покрај сите оние неизвесности кои со себе ги носи пандемијата на Covid-19?
„За Естонија знам повеќе, затоа што веќе игравме еден натпревар дома. Немаат некоја висока екипа, и играат доста брза кошарка. Тоа во овој момент можеби и ќе ни одговара, затоа што имаме дефицит на високите позиции. За средбата со Италија, немам некои детални информации. Знам дека резултатот им е во ‘втор план’. Дека играат со подмладен состав и дека покрај тоа, исто така биле квалитетни. Иако првиот натпревар ни е со Италија, лично мислам дека нашиот фокус треба да го поставиме на втората средба, со Естонија. За да се сконцентрираме на него, и да победиме со двоцифрена предност, и за да ни остават ‘живи’ шансите за пласман на Европското првенство“- дополнува нашиот центар, непосредно пред заминувањето на сениорите на пат за Естонија.
И тој и останатите негови репрезентативни соиграчи утринава го поминаа она второ тестирање од коронавирусот реализирано во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, со надеж дека во понеделник наутро, од шест часот, со сите расположиви сили во овој момент, ќе тргнат кон главниот град на Естонија.