03.10.2020

Гостите од Данкерк останаа „пократки“ за пет поени (64:69), а Војдан Стојановски за поголем број на минути во игра, и поени

ЛНБ лига на Франција: Малку минути за Војдан, трет пораз за Гравелин

Во елитната француска дивизија вечерва се играше третото коло. Екипата на Гравелин имаше нималку лесно гостување во Ле Ман, кое Војдан Стојановски ќе сака што побрзо да го заборави.

Влезе во шестата минута од играта. И до истекот на првата четвртина имаше еден неуспешен обид (со звукот на сирената) за три поени, како и една освоена односно загубена топка, а Ле Ман имаше водство од (21:15).

Серијата од (12-0) го донесе домашниот тим до првото двоцифрено водство (26:15). Стојановски забележа уште еден неуспешен обид за три поени, и еден скок за нецели седум минути во игра во тоа прво полувреме во кое гостите од Данкерк се вратија во игра, намалија на (31:35).

Крајно изненадувачки, нашиот репрезентативен бек остана на клупата во третиот период во кој неговата екипа не успеа да ја стигне негативата, Гравелин губеше со (49:53).

Стојановски се врати на теренот на неполни пет минути пред крајот, и минус од еден поен за неговата екипа (57:58). Но за кратко, тренерот на Гравелин имаше поинакви замисли за финишот, па зад Стојановски останаа само нецели осум минути во игра на овој меч, и без поентерски ефект.

Да биде полошо Гравелин загуби уште еднаш, иако со најмала разлика во однос на претходните два порази во ЛНБ лигата, (64:69).