09.10.2020

По трите порази, стигна и првиот успех во новата сезона, во Данкерк падна Роан (77:43)

ЛНБ лига на Франција: Прв триумф за Војдан Стојановски и Гравелин

Најпосле еден добар натпревар за кошаркарите на Гравелин. Пред својата публика во Данкерк Војдан Стојановски и соиграчите делуваа како професионална екипа, и на крајот стигнаа до својот прв триумф во новата сезона од француската ЛНБ лига.

Славеа убедливо против Роан (77:43).

Многу работи станаа појасни уште по првата четвртина која „морнарите“ ја решија во своја корист со (25:13),а  уште поубедливо делуваа во вториот по кој на полувремето имаа уште поголема предност од (42:19).

Војдан Стојановски не беше во стартната петорка на домашната екипа. По „нула“ ефектот во минатото коло, капитенот на нашиот национален тим реализираше шест поени (0/1 за три, 2/3 за два и 2/2 за еден поен). Освен тоа, за 20:41 минути во игра, Стојановски додаде и четири асистенции, две освоени топки и еден скок.

По четири одиграни кола во ПРО А лигата, Гравелин има ефект од една победа и три порази.